Живеејќи на Бриони, тој се „запознал“ со Софија Лорен, со принцезата од Монако, со Џон Малкович, со кои се сликал, потоа со либискиот лидер Моамер Гадафи, британската кралица Елизабета Втора, со Индира Ганди… кои му биле гости на Тито. Новинар на „Економист“ рекол дека „ако Коки имаше побогат речник, несомнено ќе уживаше во откривањето на најтемните државни тајни на Југославија, кои сигурно ги прислушувал“
Папагалот Коки, кој беше домашно милениче на претседателот на поранешна Југославија, Јосип Броз Тито, наполни 70 години. Може да се каже дека иако влегува во осмата деценија, тој сè уште не е старец, зашто е редок примерок на жолтогребен какаду, вид кој живее 100 години.
Роденденот на Коки беше весело прославен во националниот парк „Бриони“, или како што денеска го викаат Хрватите „Бриjуни“, каде што живее, во рамки на Меѓународниот ден на папагалот. Таму беше организирана посебна програма, преку која посетителите имаа можност да се запознаат со приказната за Коки, да дознаат повеќе за папагалите и да го доживеат Бриони од поинаква перспектива. Програмата почна со возење со туристичко вовче, со кое посетителите обиколија дел од островот и ги запознаа жителите на Сафари паркот. Потоа следуваше прошетка кон фазанеријата, со застанувања на интересни локалитети, како што се просторот на поранешната Зоолошка градина и Коховиот каменолом, именувани по д-р Роберт Кох, научникот одговорен за искоренување на маларијата на Бриони.
Папагалот Коки, кој ги освојува срцата на сите што имаат шанса да го видат, Тито го добил на подарок 1953 година. Го обожавал и често го хранел со овошје и бисквити, поради што Коки многу се приврзал кон него. Тој бил редовен гостин на приватните забави на југословенскиот лидер и, со текот на времето, почнал да го имитира својот господар со шаренолик речник. Во познатата Титова вила на Бриони, Коки имал можност да се сретне со високи државници и славни личности, кои знаел да ги насмее, но и да ги опцуе. Живеејќи на Бриони, тој се „запознал“ со Софија Лорен, со принцезата од Монако, со Џон Малкович, со кои се сликал, потоа со либискиот лидер Моамер Гадафи, британската кралица Елизабета Втора, со Индира Ганди… Овој бел папагал е посебно интересен затоа што зборува. Знае да си го каже името, да ги праша луѓето како се викаат, да им одговори на некои прашања, а велат дека до ден-денеска често извикува „Тито, Тито, Тито“. Познат е и по тоа што знае да пцуе и да имитира различни звуци. Една од речениците по кои е познат е „Те сакам, Софија“, која најверојатно ја научил кога Софија Лорен била во посета на Тито. Секогаш е многу пријателски расположен кон посетителите, особено кон децата.
Едно време Коки го напуштил Бриони, зашто Тито ѝ го подарил на својата внука Александра Саша Броз за деветтиот роденден. Но, последните три децении е жител на Бриони и тоа најпознат. Тој има посебно значење за Бриони бидејќи е туристичка атракција, па го сметаат и за добар туристички работник. Поради својот придонес за афирмација на Бриони, тој добил своја „летна резиденција“, па преку лето не престојува во фазанеријата, туку во близина на хотелот „Нептун“. Велат дека и по 46 години од смртта на Тито, Коки продолжува да води „разгален живот“. Познат е по тоа што сака да се ракува со гостите и да се фотографира со речиси секој познат посетител на островот. Неговите чувари велат дека Коки обично разговара само со жени. Ако мажите се приближат до неговиот кафез, тој станува љубоморен и се обидува да ги гризне. Знак на неговиот кафез ги предупредува посетителите дека иако може да каже многу пријателски фрази, исто така, има навика да ги каже и „оние за кои ве молиме да не ги сфаќате лично“. Еден новинар на „Економист“ се пошегува дека „ако Коки имаше побогат речник, несомнено ќе уживаше во откривањето на најтемните државни тајни на Југославија, кои сигурно ги прислушувал“.
Коки, кој важи за голем заводник кој знае да анимира и да привлече внимание на неограничено време, е од видот поголеми папагали кои се карактеризираат со несмасно држење и прилично големо тело од 50 центиметри, силен клун и гребен на главата.
Овој папагал си обезбеди слава ширум светот како ѕвезда на краткиот документарец на Квентин Милер „Коки бај“, кој беше прикажан минатата година на фестивалот „Белдокс“, а привлече големо внимание и на Берлинале.
На Бриони, по Тито не остана само Коки, туку и слоницата Ленка, која е една од петте што во 1974 година му ги подарила индиската премиерка Индира Ганди. Ленка сега има 54 години и тежи четири тони. За разлика од Коки, кој сака да се ракува и да пцуе, таа сака да си игра со топка. Нејзиниот роденден се слави на меѓународниот Ден на слоновите.












