Во оваа наша вечна, самобендисана, инаетлива, правлива и пренатрупана „европска чекална“, со децении ја играме истата трагикомична претстава. Секојдневно, на кафеанските маси и по социјалните мрежи, сите се врховни судии, непогрешливи обвинители, мудри економисти, врвни кардиохирурзи, моќни фудбалски селектори и морални вертикали. Знаеме сè, судиме секому и со леснотија делиме правдина до последниот литар ракија, гајба пиво или до последниот „лајк“ на „Фејсбук“. Но, штом ќе се раздени и ќе треба да се соочиме со реалноста, револуционерниот занес исчезнува, а на сцена стапува вистинскиот код на македонскиот менталитет: „Трај си, да не се замериме“… „Гледај си ја твојата работа“.
Како општество, како народ, успеавме да го доведеме до совршенство прашањето за кокошката и јајцето во правосудството. Дали правосудниот систем го обликуваше ваквиот деструктивен менталитет кај народот, или, пак, нашиот менталитет го донесе правосудството на ова дереџе, на овие бедни неколку проценти доверба?
Одговорот не е во филозофирањето, туку во суровата судска практика.
Правото и законите постојат за да го скротат менталитетот, да воведат ред таму каде што човечката природа тежнее кон хаос и анархија. Но, кај нас, системот направи нешто монструозно – тој го „дресираше“ граѓанинот да не верува во правото, во институциите, во системот. Кога обичниот човек со децении гледа дека за него законот важи со сета своја бруталност и прецизност, а за моќните, политичарите и „синовите на транзицијата“ се применува „креативно толкување“ на членови и ставови, неговиот менталитет се префрла во модул на преживување.
Тогаш „врските“, „пријателите“ и барањето чаре по партиските штабови веќе не се доживуваат како криминал или корупција. Тие стануваат единствениот функционален механизам за да се заврши каква било работа. Системот го натера народот да верува дека правдата е луксуз резервиран само за оние што можат да ја платат – со пари или со послушност.
Од друга страна, не дојдоа вонземјани да ни судат и да ни кодошат. Судиите, обвинителите и инспекторите, денес сè почесто нарекувани истражители, не се увезени од Швајцарија или Норвешка. Тие излегоа од нашите маала, од нашите факултети, од истиот овој народ. И го понесоа со себе најлошиот дел од македонската матрица – пасивноста, партиската понизност, моралната мизерност и ситносопственичкиот интерес.
Кога тој и таков менталитет ќе влезе во правосудните органи, правото и правдината умираат. Добиваме Обвинителство кое со години спие и затвора очи пред очигледни криминали, измислува непостојни правни квалификации таму каде што не е кадарно да обезбеди докази, а потоа глуми револуционерна ажурност броејќи пари „пронајдени во ѕидови кај родителите“ на некој дежурен виновник, без притоа да понуди сериозен и издржан доказен материјал. Добиваме судии кои наместо да бидат бедем на уставноста и законитоста, се претвораат во исплашени бирократи кои со треперење чекаат сигнал или инструкции како да пресудат, само за да си ја сочуваат разнишаната фотелја. Односот помеѓу судиите и обвинителите кај нас одамна ја изгуби својата природна, законска бариера и се претвори во нездрава, симбиотска врска. Наместо судијата да биде неутрален арбитар кој со еднаков сомнеж и строгост ги вага аргументите на двете страни, тој премногу често се поставува како постар брат или заштитник на обвинителот. Обвинителните акти неретко се прифаќаат со затворени очи и без сериозна проверка на доказите, како судот да е само логистичка поддршка, а не филтер на правдата. Оваа комотна кохабиција, родена од партиска послушност и личен конформизам, го претвори судскиот процес во чиста формалност во која одбраната однапред се соочува со заеднички фронт на две институции кои треба да бидат строго раздвоени.
Нашиот легендарен инает, кој некогаш бил симбол на опстанок, денес е преточен во правен фатализам. Побрзо ќе потрошиме илјадници евра и години по судските лавиринти за инает на соседот за половина метар меѓа, отколку што ќе излеземе јавно да го кренеме гласот против урнисувањето на уставниот поредок. Тоа е тој апсурд, храбри на ситници, кукавици на крупни работи.
Затоа, не лажете се дека реформите ќе дојдат со нови закони, со акциски планови напишани од странски експерти или со нови препораки од Брисел. Закони имаме, можеби и премногу. Промената нема да дојде сама од себе затоа што народот одеднаш доживеал катарза.
Промената мора да тргне од врвот на правосудната зграда – со неколку радикални, чисти, хируршки прецизни и неселективни примери на правда. Кога првиот крупен политичар, првиот корумпиран судија и првиот партиски обвинител ќе се соочат со вистинската, а не со театарската сила на законот, тогаш менталитетот ќе почне да се менува. Тогаш граѓанинот ќе сфати дека заобиколувањето на системот веќе не е национален спорт, туку сериозен ризик.
Сè додека тоа не се случи, правосудството ќе ни биде само верно, грдо огледало на нашите сопствени мани. А ние и понатаму ќе си седиме во чекалната, со инаетот во џеб и со главата во песок, прашувајќи се зошто возот за никаде пак доцни.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












