По 15 години од оригиналот, популарната „Од утро до мрак“ повторно доби нов звук. Песната на ДНК и Магдалена Цветкоска-Ена е преработена во ремикс зад кој стои диџеј Тошев, заедно со диџеј Монарх, диџеј Гокшата и диџеј Насте.

Оригиналната верзија е објавена во 2011 година –  музиката и аранжманот се дело на Лазар Цветкоски, додека текстот е на Ена и Панчо.

Како што открива за медиумите диџеј Тошев, изборот паднал на оваа песна поради емоцијата што ја носи, но и поради желбата старите македонски хитови да добијат свое место на современата сцена. Новата верзија носи модерна продукција, но останува препознатлива атмосферата по која е запаметена „Од утро до мрак“.

Во последно време, сѐ почесто македонските диџеи и продуценти се навраќаат на домашната музика од изминатите години, правејќи ремикси од песни што публиката ги сака и внесувајќи ги повторно во денешниот музички контекст.

Инаку, Ена ја испеа „Од утро до мрак“ со ДНК и на нивниот голем концерт по повод 20 години од постоењето на дуото во арената „Борис Трајковски“ во 2022 година. Пред преполната сала, песната повторно ја изведоа оние по чии гласови денес ја препознаваме.

Петнаесет години подоцна, песната повторно се враќа пред публиката – овој пат со ремикс направен од млади, македонски диџеи.

ИЗДВОЕНИ