Традиционалната Ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен“, од 18 до 25 август, го реализира своето 18. издание со кое годинава одбележува своевидно „полнолетство“ со целосно нов, поинаков и монументален концепт. Седум реномирани уметници деновиве создаваа монументални скулптури, а првпат од своето постоење, колонијата е исклучиво вајарска и е посветена на изработка на скулптури од голем формат во мермер, камен и метал, наменети за оплеменување на јавниот простор во Прилеп. Во просторот на Тутунскиот комбинат во Прилеп, академици и скулптори – Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Марјан Стојаноски, Слободан Милошески, Озбек Ајваз, Славчо Павлески и Емил Солески – интензивно творат дела чии димензии надминуваат и три метри.

Раководството на Центарот за култура истакна дека ова е значаен чекор за манифестацијата и можност таа да се развива во нова насока. За првпат после подолго време и Општина Прилеп директно партиципира со логистичка и финансиска помош.
„Сега, кога ги гледаме уметниците како работат, можеме да ја почувствуваме таа размена на идеи, размислувањата, разговорите и самиот процес на создавање. Посебно нè радува тоа што делата ќе останат за нашиот град и ќе бидат дел од неговиот културен и уметнички живот“, истакна Марија Попова Јованоска, директорката на Центарот за култура „Марко Цепенков“, упатувајќи благодарност до Општина Прилеп, Министерството за култура и туризам, Тутунскиот комбинат и сите учесници.

Организаторот и уметник, Марјан Стојаноски, посочи дека ваков организиран вајарски зафат во Прилеп се нема случено во изминатите три децении.
„Кога го разговаравме самиот концепт, одлучивме да биде исклучиво на монументална скулптура, при што мора да упатам јавна благодарност до сите колеги кои го прифатија предизвикот. Ова е нешто што веројатно се нема направено во изминатите 30, можеби и повеќе години во Прилеп. Идејата е скулптурите да излезат на јавен простор, да бидат видени за да може да комуницираат со јавноста“, изјави Стојаноски.
Поддршката од локалната самоуправа е клучна за новата урбана визија на Прилеп. Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, нагласи дека градот сака да добие една поубава, естетска димензија.
„Сакаме да покажеме дека не само што ќе работиме на инфраструктурно подобрување туку треба да работиме на сите полиња за да го разубавиме нашиот град, да поставиме нови скулптури изработени од вредните раце на овие врвни уметници собрани од цела Македонија. Од информациите што ги собрав, повеќе од 40 години не се случило ваков настан, да се работи организирано на скулптура. Советот на Општина Прилеп ќе ги одреди видните локации каде што ќе бидат поставени овие прекрасни дела за да бидат видени од што е можно поголем број сограѓани и посетители“, истакна градоначалникот.
За самите уметници, работењето во Прилеп претставува исклучително инспиративно и драгоцено искуство.
Скулпторот Слободан Милошески, кој по петти пат учествува на колонијата, ја истакна важноста на ваквиот формат: „За нас ова е исклучително драгоцено искуство бидејќи за време на колонијата разменуваме мислења, идеи и перспективи за нашата уметност. Во моментов работиме на скулптури со монументален карактер, чии димензии надминуваат три метри. Овие дела ќе бидат наша вредна оставина за Прилеп, трајна вредност која ќе го краси јавниот простор. Дружбата е прекрасна, организацијата е одлична и имаме сè што ни треба во овие работни услови. Секако, ваква ликовна колонија треба и понатаму да продолжи“, посочи Милошески.

Уметникот Никола Пијанманов ја истакна длабоката поврзаност на овој проект со македонската ликовна традиција и потенцијалот на просторот: „За мене ова е учество во еден долг континуитет на македонската ликовна сцена, посебно вајарската, која е органски поврзана со Прилеп и со неговата историја. Кога сме ставени во една таква ситуација да го продолжиме тој континуитет, се разбира, за нас тоа е огромен предизвик. Ова место каде што работиме дава оптимистички шанси да се претвори во еден регионален, па и европски концепт за резиденции за уметници вајари. Сакаме граѓаните да гледаат како уметникот создава монументално дело, а потоа тоа да биде постојано изложено надвор. Работиме во материјали кои се трајни – мермер, камен, железо – кои може да истраат децении на надворешни услови“.
Со ова 18. издание, Ликовната колонија „Марко Цепенков – Дрен“ поставува нови стандарди, претворајќи го Прилеп во отворено уметничко ателје, чии плодови трајно ќе сведочат за современото македонско вајарство. (Д. Т.)











