Професионалните возачи бараат да им се овозможи реално користење на 90-те дена престој во Шенген-зоната. Протестот во Скопје ќе се одржи еден ден пред состанокот на работната група во Брисел, на кој се очекува решение за нивниот статус. Доколку не биде постигнат договор, превозниците најавуваат можни протести на граничните премини од 14 септември. За евентуалните блокади ќе се бара согласност од превозниците и од надлежните институции.
Македонските превозници на 31 август ќе одржат двочасовен протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, поради проблемот со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната. Од Асоцијацијата „Макам-транс“ информираат дека протестот ќе започне во 12 часот и ќе трае до 14 часот. Најавено е учество на најмалку 20 товарни возила, како и на сопственици, возачи и други вработени во транспортниот сектор од повеќе градови во земјава.
Идентични протести во истиот термин се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Главното барање на превозниците е да им се овозможи реално да ги користат сите 90 дена дозволен престој во период од 180 дена, без дополнително скратување поради начинот на пресметување на деновите при влез и излез од Шенген-зоната.
– Најавуваме протест на 31 август 2026 година пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, со минимум 20 возила и присуство на голем број физички лица од сите градови на државата – соопштија од „Макам-транс“.
Протестот е закажан непосредно пред состанокот на работната група во Брисел, кој треба да се одржи на 1 септември. Превозниците очекуваат на средбата да биде разгледано прашањето за престојот на професионалните возачи и да се најде преодно решение. Во спротивно, најавуваат и посериозна форма на притисок.
– Доколку на состанокот не се донесе преодно решение за престој на возачите во Шенген-зоната, предложено е да се одржи протест на граничните премини на секоја држава поодделно, со почеток на 14 септември – велат од асоцијацијата.
За евентуалната блокада на граничните премини, сепак, ќе биде потребна согласност од превозниците во секоја од четирите држави, како и одобрение од надлежните институции. Превозниците посочуваат дека се разгледува можноста за протест сличен на оној од јануари, кој тогаш траеше повеќе денови. Од „Макам-транс“ велат дека во тек е координација меѓу асоцијациите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Според нив, во изминатите седум месеци не е постигнато решение и покрај укажувањата дека професионалните возачи имаат специфичен статус поради природата на нивната работа.
– Во оваа фаза асоцијациите од четирите држави собираат согласност од превозниците за организација на протестот како предупредување до Европската Унија, која во изминатите седум месеци не покажа добра волја за надминување на проблемот – наведуваат од „Макам-транс“.
Дополнително, доколку дојде до протести на границите, превозниците планираат со надлежните институции да се договорат кои стоки би имале приоритетен премин, меѓу кои нафта и нафтени деривати, јаглен и други производи од значење за населението и јавниот сектор. Конечната одлука за продолжување на протестите ќе зависи и од поддршката од превозничкиот сектор. Од „Макам-транс“ информираат дека е испратена анкета со која треба да се утврди дали најмалку 70 отсто од превозниците во земјава го поддржуваат предлогот.
Николоски: Правиме сè што е во наша моќ за македонските транспортери!
Владата презема активности за надминување на проблемите со кои се соочуваат македонските транспортери, преку склучување билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната, истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски. Тој посочи дека Владата има целосно разбирање за состојбата на транспортерите и работи на конкретни решенија, со цел да се олесни нивното движење по најфреквентните европски рути.
– Имаме целосно разбирање за транспортерите и се обидуваме во рамки на нашите можности да помогнеме и да изнајдеме решенија. Се работи за правила во Шенген зоната, а она што ние можеме да го направиме е да потпишуваме билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната – истакна Николоски.
Според него, дел од договорите веќе се склучени, а во следниот период се очекува интензивирање на разговорите со други земји.
– Тоа веќе го правиме и веќе постигнавме договор со неколку земји, а во следниот период интензивно ќе работиме и на договор со други земји. Во текот на септември е најавена средба на високо ниво со австриската влада, во текот на октомври со словенечката влада, така што ние не застануваме и продолжуваме да работиме на билатерални договори со сите земји кои што се расположени – рече министерот за транспорт.
Николоски нагласи дека приоритет е да се обезбеди покриеност на рутите по кои најчесто се движат македонските превозници.
– Гледаме генерално да ги покриеме рутите каде што традиционално македонските транспортери најчесто одат. Со Швајцарија веќе има договор, со Хрватска има договор, со Романија има договор. Како што кажав, следни за разговор се Австрија и Словенија, и исто така работиме и со Германија – посочи Николоски.
Тој оцени дека на овој начин се опфаќаат земјите каде што има најголема фреквенција на македонски транспортери, но додаде дека Владата и Министерството за транспорт продолжуваат да работат на дополнителни решенија и договори со други европски земји.
(С.Бл.)












