Зошто „ти не си како нив“ не е комплимент, туку проблем
Ова е реченица што најчесто ја слушам кога ќе седнам на кафе со колегите, кога ќе влезам во институција или кога случајно ќе се открие дека сум Ром.
„Ти не си како нив“ – Тие мислат дека ми упатуваат комплимент. Дури мислат дека ме заштитуваат. Како да сакаат да кажат: „Ние не мислиме лошо за тебе, ти си исклучок“.
Но, токму во тој момент исчезнува секоја можност за вистинско разбирање, затоа што пораката што, всушност, ја слушам е едноставна: „Ги осудуваме Ромите, но тебе те прифаќаме затоа што не си како нив“.
Денес е 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите. Еден ден кога ќе се сети некој на нас. Кога се објавуваат соопштенија, се организираат културни настани и се зборува за „инклузија“ и за „различност“. Еден ден кога сме добредојдени на фотографија и во институциите.
А другите 364 дена?
Тогаш сме „нив“. Тогаш сме статистика. Тогаш сме проблем. Тогаш сме погледи полни со сомнеж, врати што потешко се отвораат и шанси што ретко се даваат.
Другите 364 дена си потенцијален криминалец кога ќе влезеш во продавница. Твоето дете може да заврши во посебно сегрегирано одделение само поради името и бојата на кожата или кога не сакаат да бидат во иста училница со нив. Кога бараш работа, доволно е да го слушнат акцентот или адресата за да ти кажат: „Ќе се јавиме“.
Другите 364 дена државата пишува стратегии што завршуваат во фиоки, додека цели населби сè уште живеат без основните услови за достоинствен живот.
Но, критиката не смее да биде насочена само кон другите.
Оваа приказна е и за нас. За нашето (не)единство. За поделбите по партии, интереси и суети. За тоа како дозволуваме малкумина да зборуваат во име на сите, додека мнозинството молчи.
Вистината е непријатна, не можеме да бараме почит ако не ја градиме најпрво меѓу себе.
Но, исто така, државата не може да очекува лојалност ако не нуди правда. Не може да зборува за еднаквост, а дозволува системска нееднаквост. Не може да слави различност еден ден, а да ја игнорира цела година.
Грешката е што го сведуваме 8 Април на симболика. На фолклор. На благодарност што нè „прифаќа“ некој. Но, овој ден не треба да биде молба за признание. Треба да биде порака: „Не сакам да бидам ‘поинаков’ за да бидам прифатен. Сакам да бидам човек со истите права“.
Сè додека не го разбереме тоа и додека не се консолидираме ние самите како заедница што знае што сака, 8 Април ќе остане само датум. Убав за фотографирање, без вистинска тежина.
Не сакам да бидам „поинаков“ од мојот народ за да добијам право да постојам. Сакам Вие да престанете да бидете истите што дискриминираат 364 дена, па на 365. ден да ми кажувате колку сум „посебен“.
Затоа следниот пат кога ќе ми кажат: „Ти не си како нив“, ќе одговорам: „Јас сум токму како нив. И горд сум на тоа“.
Борбата е оваа реченица еден ден да стане непотребна. Да нема „ние“ и „тие“, туку само луѓе со еднаква вредност, еднакви права и еднаква шанса.
8 Април не е празник. Тоа е опомена.
(Авторот е поранешен министер за труд и социјална политика)












