Фудбалската велесила Италија доживеа нов тежок удар и трето последователно отсуство од Светско првенство, нешто што изгледаше незамисливо за четирикратниот шампион. „Азурите“ последен пат играа на Мундијалот во 2014 година, а по елиминациите од Шведска и Македонија, сега ги шокираше и Босна и Херцеговина.
Во драматичниот плејоф во Зеница, домашниот тим покажа карактер и по подобро изведување пенали, ја оттурна Италија од сонот за Мундијал. Овој нов неуспех предизвика вистински земјотрес во италијанскиот фудбал, со оставки и сериозни повици за длабоки реформи.
- Три последователни неуспеси значат дека болеста не е излечена, порача легендарниот стратег Фабио Капело, кој без влакна на јазикот, ја опиша состојбата.
Капело не гледа вина само во Џенаро Гатузо, кој си поднесе оставка, или во раководството предводено од Габриеле Гравина, туку во целокупниот пристап кон развојот на фудбалот.
- Во Италија играме бавно – додаваме бавно, размислуваме бавно. На меѓународно ниво тоа не поминува, предупреди тој, нагласувајќи дека техничките недостатоци се клучниот проблем.
Посебен акцент стави на младинските категории, каде, според него, се прават фундаментални грешки: наместо техника, децата прерано се учат на тактика и движења. Капело смета дека токму тука Италија губи чекор со водечките сили.
Како пример ја посочи Шпанска фудбалска репрезентација, каде младите постојано играат и ја усовршуваат техниката уште од најрана возраст – нешто што, според него, недостасува во Италија.
Пораката е јасна: без радикални промени и враќање на основите, италијанскиот фудбал ризикува да остане сенка на својата славна историја.











