Одлично го знаеме Никола Јанков-Коки од славниот штипски дует „Дуле и Коки“ и по евергринот „Виолина и гитара“. Тој сега настапува самостојно и веќе исплива на самиот врв од естрадната сцена, и тоа со интересна песна – „Пиво деветто“. Во песната во прв план се истакнуваат љубовното дружење, добрата атмосфера и има одличен хумор. Токму затоа, поради тој хумор, публиката го поставува и хумористичното прашање дали веќе по осмото пиво љубовта станува уште посилна за да мора да се испие и тоа деветто.
Но, кога е вистинска љубовта, не е важно дали е зима, пролет, есен или лето, саканиот лик се лепи за срцето. Доколку треба за целосна атмосфера и едно пиво повеќе, токму деветтото. Главниот јунак во песната ја бара својата сакана во секое годишно време и во секој животен миг. Во зима сака да ја има, во пролет некој да му ја „штима“, а кога ќе дојде летото и ќе се стигне до деветтото пиво поради тропските жештини, желбата повторно е само една: таа да биде покрај него, а тој со „пиво деветто“.
Музиката и текстот се дело на Дејан Тасев, додека аранжманот го потпишува Дејан Георгиевски-Ѕене. За песната е снимен и интересен видеоспот со хумористичен шмек. Се снимаше во Штип, родниот град на Коки, во кој тој повторно живее, додека реализацијата е на студиото „Вацев“. Песната е достапна на сите дигитални и стриминг-платформи.












