Четириесет и петгодишната адвокатка со турско потекло Елиф Ералп, преку ноќ стана едно од најистакнатите имиња во германската политика. Како водечки кандидат на Левица (Die Linke), таа ја предводеше партијата до историска победа на изборите за берлинскиот парламент, а сега има шанса да стане првата градоначалничка на германскиот главен град од редовите на Левица, но и првата личност со мигрантско потекло на таа функција.
Според прелиминарните официјални резултати, Левица на изборите одржани на 20 септември освои 25,7 отсто од гласовите, што е повеќе од двојно во споредба со 12,2-те отсто од 2023 година. Ова е воедно и најдобриот резултат на партијата во историјата на изборите во Берлин. Зад неа останаа ЦДУ со 18,8 отсто, АфД со 16,3, Зелените со 14,3 и СПД со 12,1 отсто.
Сепак, победата не значи дека Ералп автоматски ќе го преземе „Црвеното градско собрание“. За формирање власт ќе биде потребна коалиција, а една од можните комбинации е сојузот меѓу Левица, Зелените и СПД. Токму преговорите со овие партии треба да одлучат дали Ералп ќе стане новата градоначалничка на Берлин.
Ќерка на политички емигранти
Ералп е родена во Минхен во 1981 година, само неколку месеци откако нејзините родители побегнале од Турција. Тие биле социјалисти и синдикални активисти, а земјата ја напуштиле по воениот удар во септември 1980 година. Нејзината мајка била бремена во моментот на нивното бегство.
Таа пораснала во Дортмунд и Хамбург, каде што студирала право, а подоцна се занимавала и со прашања поврзани со миграцијата и азилот. Во Берлин се преселила во 2010 година, додека официјално ѝ се приклучила на Левица во 2017 година.
Во берлинскиот Претставнички дом за првпат била избрана во 2021 година. До почетокот на оваа изборна кампања не спаѓала меѓу најпознатите политичари во градот – Tagesschau наведува дека како заменик-шеф на пратеничката група главно била во втор план. Неколку месеци подоцна, таа ја предводеше партијата до историски резултат.
„Берлинската Мамдани“
За време на кампањата, Ералп го доби прекарот „берлинската Мамдани“, по њујоршкиот политичар Зохран Мамдани. Споредбата произлезе поради кампањата силно насочена кон трошоците за живот, домувањето, младите и директниот контакт со гласачите.
Домувањето стана централна тема на нејзиниот политички настап. Ералп се залагаше за ограничување на висината на кириите и за спроведување на одлуката од референдумот во 2021 година за префрлање на големите станбени компании во јавна сопственост со соодветно обештетување. Таа самата ја нарекуваше станбената криза најголемо социјално прашање во Берлин.
Симбол на нејзината кампања стана и златното ланче со натпис „Mietendeckel“ – „ограничување на кириите“.
Сепак, нејзината политика кон големите сопственици на недвижности би можела да биде една од најголемите пречки во преговорите за власт. СПД се противи на плановите за поддржавување на големите станбени компании, додека Ералп порачува дека нема намера да се откаже од таа идеја.
Огромна поддршка од младите
Еден од клучевите за успехот на Левица беа младите гласачи. Според податоците на Infratest dimap кои ги пренесува Tagesschau, за Левица гласале 43 отсто од гласачите помлади од 25 години, додека меѓу оние на возраст од 25 до 34 години поддршката достигнала дури 48 отсто. Меѓу младите жени помлади од 25 години, за партијата на Елиф Ералп гласале 51 отсто од гласачите.
По објавувањето на резултатите, Ералп им порача на поддржувачите дека гласачите покажале оти имаат „надеж за подобар и подостапен Берлин“, како и дека во градот „љубовта и правдата победиле над омразата“.
Сега пред неа е потешкиот дел од работата – формирање мнозинство. Доколку успее да постигне договор со потенцијалните партнери, ќерката на политички емигранти од Турција би можела да влезе во историјата како прва политичарка од Левица на чело на германскиот главен град и прва личност со мигрантско потекло што ќе го води Берлин.












