Првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“ во која загинаа 63 млади луѓе а околу 200 беа повредени од пожарот поднел гаранција за да излезе од затворски притвор иако и по закон му истекува за десетина дена. Од Кривичниот суд за весникот Вечер потврдуваат дека барањето за гаранција е пристигнато денеска и оти ќе го испратат на мислење до Основното јавно обвинителство.
-Гаранцијата е во висина од 12 милиони денари во недвижен имот најпрво мислење треба да даде обвинителот а потоа се враќа во судот на одлучување, велат од судот за ВЕЧЕР.
Инаку, на Јованов и по сила на законот притворот му истекува за десетина дена бидејќи поминува година од оценка на обвинителниот акт. Неговата бранителка Ивана Коцевска на последното судење кога обзнани дека ќе поднесат гаранција рече дека одбраната има намера да покаже пред јавноста дека првообвинетиот нема да бега од правдата.
Државниот обвинител Ненад Савески не сакаше да прејудицира дали обвинителството ќе побара друга мерка за обезбедување присуство на осомничениот, посочувајќи дека тоа е одлука на обвинителите кои постапуваат по предметот.
– Да, секогаш има можности. Дали во овој случај некои од тие можности ќе бидат применети, навистина оставете времето да покаже – рече Савески неодамна прашан за излегувањето од притвор на Јованов. (П.А.)












