среда, август 19, 2026
Дома СВЕТ Кој е Украинецот уапсен во Пула поради „Северен тек“: И претходно беше...

Кој е Украинецот уапсен во Пула поради „Северен тек“: И претходно беше приведен, а потоа ослободен во Полска

0
EPA/RAFAL GUZ POLAND OUT

Германското сојузно обвинителство соопшти дека утрово во Пула е уапсен украински државјанин осомничен за нападите врз гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море. Во нивното соопштение осомничениот е идентификуван како Владимир З., а се наведува дека го уапсиле локалните полициски сили во Пула, постапувајќи по европски налог за апсење.

Лицето е под сериозно сомнение дека учествувал во заедничко предизвикување експлозии, противуставна саботажа и уништување објекти и постројки. Тој е вториот уапсен осомничен за нападите врз „Северен тек“.

Владимир З. е обучен нуркач на здив и бил дел од групата околу претходно обвинетиот Сергиј К. којашто поставила експлозив на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во близина на островот Борнхолм во септември 2022 година. Според обвинителството, осомничениот учествувал во потребните нуркања.

За таа цел, тој и неговите соучесници отпатувале од Росток со едрилица.

Посредници претходно ја изнајмиле јахтата од германска компанија со користење фалсификувани лични документи. Експлозивот бил активиран на 26 септември 2022 година, при што беа предизвикани значителни оштетувања на двата гасовода.

По екстрадицијата од Хрватска, осомничениот ќе биде изведен пред истражен судија на Сојузниот суд на правдата.

Германското сојузно обвинителство на 30 јуни 2026 година поднесе обвинение против Сергиј К. пред судот во Хамбург.

Осомничениот уапсен во Полска, а потоа ослободен

Обвинителството го идентификуваше осомничениот само како Владимир З., но се верува дека станува збор за истиот човек кој беше уапсен во Полска минатата година, а потоа ослободен откако полскиот суд одби да ја изврши европската потерница издадена од Германија. Тој беше идентификуван на суд како Володимир Журавлев, пренесува Гардијан.

Во пресудата што предизвика тензии во полско-германските односи, полскиот суд пресуди дека Германија нема надлежност во овој случај и дека уништувањето на гасоводот „Северен тек“ може да се смета за оправдан чин на Украина како дел од одбранбена војна.

Се верува дека уапсениот во Хрватска е Володимир Журавлев, кој се појави пред полски суд, а подоцна беше ослободен.

Одлуката е во согласност со долгогодишното противење на Полска на проектот за гасоводот, кој се сметаше за симбол на блиските односи меѓу Берлин и Русија. Полскиот премиер Доналд Туск јавно изјави дека „проблемот со Северен тек 2 не е што беше дигнат во воздух; проблемот е што беше изграден“.

ИЗДВОЕНИ