Српската верзија на македонскиот фолк-евергрин „И цело Скопје“ е многу популарна во Врање!

„И цело Врање“ денес е една од најпрепознатливите песни поврзани со овој познат српски град на „Коштана“, Бора Станковиќ, „Симпо“ и Врањска Бања. Со децении се слуша на свадби, прослави, веселби и дружби во тој дел од јужна Србија. Музичката приказна почнала во 1995 година и, според сведоштвата, српската варијанта настанала речиси случајно. Тогашниот музички уредник и радиоводител, Небојша Димчиќ, ја поканил Благица Павловска да гостува во музичката емисија „Турбовикенд“, која се емитувала преку Радио Врање. Секогаш мотивираната Павловска решила да им приреди вистинско изненадување на домаќините.

Во студиото донела специјално подготвена српска верзија на омилената песна „И цело Скопје“, за која музиката и аранжманот се дело на Дамир Имери, а текстот е на сега веќе починатата хитмејкерка Радмила Митровиќ. Но, тогаш, Благица  реши да ја посвети песната на тој српски град. Така, всушност, се родила таа „И цело Врање“. Тоа што требало да биде  музички подарок за домаќините и за слушателите многу брзо се претворило во локален мегахит. Според приказната што ја пренесуваат српските медиуми, во текот на радиоемисијата, слушателите постојано се јавувале и ја барале песната. И кој знае колку пати била пуштена во етерот. Интересот кај Врањанците бил толку голем што локалните музичари почнале да снимаат директно од радиото на тогашните аудиокасети. Ги “ваделе“ акордите и набрзо почнале да ја изведуваат на свадбите, веселбите, прославите во Врање и во околината.

Така таму песната во српска верзија станала ептен слушана. За многу кусо време, „И цело Врање“ почнала да го живее животот       – надвор од студиото. Лесно се преселила на свадбите, прославите, веселбите, во врањанските кафеани. Три години подоцна, во 1998 година, Благица Павловска официјално ја објавила песната и на албумот „И цело Врање“. Со текот на годините, „Цело Врање“ станала песна која е постојано присутна во музичкиот живот на југот од Србија, речиси полни три децении по своето премиерно создавање.

Токму затоа нејзиното повторно одекнување овие денови, во оваа 2026 година, на улиците на Врање, привлече големо внимание и  кај нашите сограѓани кои често како туристи се во посета на Врање и околината. Песната со македонската пејачка Благица Павловска е создадена како верзија на „И цело Скопје“, па повторно стана дел од културно-забавните настани во тој српски град. Познат по добрата музика, одличните кафеани, дружењето, националните ресторани, вкусната домашна храна и по веселите луѓе-домаќини.

(Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ