четврток, август 20, 2026
Дома РАЗНО Кипар потврди прв случај на вирусот Западен Нил

Кипар потврди прв случај на вирусот Западен Нил

0

Во Република Кипар потврден е прв случај на вирусот Западен Нил за оваа година, а според инфектологот Аристос Аристодиму, пациентот е 70-годишен маж, кој е во тешка состојба и се лекува во Одделот за интензивна нега во општата болница во Никозија, објави кипарската новинска агенција ЦНА, јави дописничката на МИА од Атина.

Аристодиму, објаснил дека станува збор за случај што спаѓа во многу мал процент пациенти заразени со вирусот на Западен Нил кај кои може да се развие тешка инфекција на централниот нервен систем и најчесто тоа се постари лица или лица со ослабен имунолошки систем.

Заменик-директорката во Министерството за здравство на Кипар Елисавет Константину за ЦНА посочила дека Министерството има протоколи и процедури за справување со случаите, при што по нивното откривање се врши прскање против комарци, иако прскањето се спроведуваат во текот на целата година, но се засилува кога ќе се открие случај.

Нагласила ситуацијата не предизвикува особена загриженост и дека нема причина за паника и покрај зголемениот број случаи забележан во европските земји.

Дополнително истакнала дека Западен Нил на Кипар се следи од 2016 година, а регистрираните случаи остануваат спорадични, со исклучок на 2019 година, кога биле регистрирани 24 случаи и во 2023 година, кога имало девет случаи, а во 2020, 2021 и 2025 не бил регистриран ниту еден случај.

ИЗДВОЕНИ