понеделник, јуни 15, 2026
Дома КУЛТУРА Кинотеката на Македонија одбележа 50 години постоење; Кинематограферот Владимир Самоиловски награден со...

Кинотеката на Македонија одбележа 50 години постоење; Кинематограферот Владимир Самоиловски награден со „Златен објектив“

87

Со пригодна свеченост вчеравечер во Кинотеката на Македонија беше одбележан големиот јубилеј – 50 години постоење на институцијата што претставува еден од темелите на националната културна меморија. Настанот обедини уметници, архивисти, културни работници и бројни гости, кои заеднички оддадоа почит на петдецениската посветеност зачувувањето на филмското наследство.

Обраќајќи се пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека „филмот е најнежната и најсилната форма на паметење“, нагласувајќи дека Кинотеката е „чувар на времето, архив на идентитетот и тивка, но непоколеблива одбрана од заборавот“.

Според него, јубилејот не е само повод за одбележување, туку и потврда за континуираната вредност што институцијата ја создава низ генерациите.

„Педесет години се доказ за истрајна верба во суштината на културата како темел врз кој се гради општеството, како вредност што создава смисла, континуитет и иднина. Дека сликата што ја зачувуваме денес, утре ќе биде доказ дека сме постоеле, мислеле, чувствувале. Дека сме имале што да кажеме. Во овие простории не се чуваат само филмски ленти, овде се чуваат човечки судбини. Овде се зачувани погледите на генерации свртени кон иднината со сомнеж и надеж. Тука се гласовите што вечно ги раскажуваат приказните за нас самите“, рече Љутков.

Министерот упати благодарност до сите вработени, архивисти, кустоси и технички персонал, чија тивка, но исклучително значајна работа овозможува филмските записи да продолжат да сведочат за духот на времето.

„Вие не чувате само материјал, туку чувате смисла, а вашата тишина зборува најгласно. И затоа, оваа годишнина не е само повод за честитка. Таа е повик, повик да продолжиме, да вложуваме, да создаваме и да не дозволиме културната меморија да стане тивка архива без глас, туку жив организам што дише со своето време“, истакна тој.

Во своето обраќање Љутков потенцираше дека Министерството за култура и туризам и во иднина ќе продолжи со силна поддршка на Кинотеката, со цел нејзина модернизација, дигитализација и поголема достапност до јавноста, со цел како што рече „ таа да биде дом на вистината запишана во слика“.

Министерот Љутков своето обраќање го заврши со констатација дека Кинотеката не е само место каде се чуваат филмови, туку простор каде се чува идентитетот за да се разбере минатото и да се обликува иднината.

На настанот кинематограферот Владимир Самоиловски ја доби наградата „Златен објектив“, која Кинотеката ја доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Кариерата Самоиловски (р.1953) ја започнува во 1976 во продуцентската куќа Вардар филм, каде се вработува најпрво како асистент снимател, а подоцна и снимател-швенкер. Како асистент снимател соработува на филмовите „Пресуда“ (1977), „Дае“ ( 1979) „Оловна бригада“ (1980), „Време води“ (1980), како снимател работи на „Хај-Фај“ (1987) „Тетовирање“ (1991), „Ангели на отпад“ (1995), „Пред дождот“ (1994), а директор на фотографија е на остварувањата: „Македонска сага“ (1993), „Светло сиво/Ѓавол во срцето“ (1993), „Часовник“ (1997), „Збогум на 20-тиот век“ (1998), „Хофманова 13“ (2000), „Вета“ (2000), „Илузија“ (2004), „Остани исправен“ (2005), „Зад темнината“ (2007), „Мајки“ (2010)„Бардо“ (2012), „Враќање“(2015), „Џган“ (2016) „Амби“ (2017), „Северен пол“ (2021), „М“ , „Исчезнати“, „Убиј ги прво децата“ (2024). За филмот „Македонска сага“ во 1993 на Фестивалот „Браќа Манаки“ добива Бронзена Камера 300 и награда Камера 300 за најдобар дебитант.

Инаку, македонска Пошта, за јубилејот 50 години од постоењето на Кинотеката на Македонија, неодамна издаде нова поштенска марка. Дизајнот е на Лазе Трипков.

„Поштенската марка, иако мала по својата форма, има големо симболично значење. Таа е еден од најпрепознатливите начини на кои една држава ги одбележува важните личности, институции и настани од својата историја и култура. Преку неа се испраќа порака за вредностите што едно општество ги почитува и ги смета за значајни. Со издавањето на оваа марка се изразува благодарност и почит кон работата на Кинотеката на Македонија и кон сите професионалци кои низ годините придонеле за нејзиниот развој. Марката посветена на 50-годишнината од Кинотеката на Македонија ќе биде своевиден културен амбасадор кој ќе ја претставува македонската филмска традиција и институционалната грижа за нејзиното зачувување“, изјави директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, на нејзината промоција која се случи на почетокот на април.

ИЗДВОЕНИ