Смирувањето на тензиите на Блискиот Исток и падот на цената на нафтата ги разгореа очекувањата за значително поевтинување на горивата во земјава. По неколку недели континуирано поскапување, премиерот Христијан Мицкоски со прогноза дека ќе поевтинат бензините за околу четири, а дизелот за седум денари од литар. Утре, Регулаторната комисија за енергетика ќе ја донесе конечната одлука. Доколку се остварат прогнозите, граѓаните и компаниите би можеле да го добијат првото поголемо олеснување по серијата поскапувања во изминатите месеци

Сигналите за деескалација на конфликтот и мировните разговори што се водат меѓу САД и Иран донесоа олеснување на светските пазари. Намалувањето на геополитичкиот ризик предизвика пад на цената на суровата нафта, отворајќи простор за корекција на цените на горивата и во земјава.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува веќе со утрешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика да следува значително поевтинување на горивата. Според владините пресметки, бензините би можеле да се намалат за околу четири денари од литар, додека кај дизелот се очекува намалување од приближно седум денари.

– Ние правевме наши калкулации, малку е зголемена и вредноста на доларот. Очекувам в понеделник, врз основа на тие калкулации, да се намалат бензините некаде околу четири денари од литар, а дизелот нешто повеќе, околу седум денари од литар – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека стабилизацијата на пазарот нема да се случи прекуноќ, бидејќи се потребни недели за обновување на транспортните текови и за нормализирање на синџирите на снабдување. Сепак, оценува дека финализацијата на мировните преговори ќе придонесе за постепено смирување на состојбите на енергетските пазари.

Од почетокот на ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, кон крајот на февруари, и стравувањата од можно нарушување во снабдувањето преку Хормускиот Проток предизвикаа силни турбуленции на светските енергетски пазари во изминативе три месеци, што директно се одрази и врз цените на горивата во Македонија. Како земја што речиси целосно зависи од увозот на нафтени деривати, државата не остана имуна на глобалните ценовни шокови, па, особено во изминатите два месеци, граѓаните и компаниите се соочија со серија поскапувања на бензините и на дизелот.

Регулаторната комисија за енергетика во текот на мај и на јуни неколкупати ги ревидираше малопродажните цени нагоре, следејќи ги движењата на референтните котации на светските берзи и курсните промени на американскиот долар. Кон крајот на април, бензините и дизелот поскапеа за околу два денари од литар, а во текот на мај следуваа дополнителни корекции како резултат на растот на цената на суровата нафта. На 19 јуни, РКЕ донесе одлука за ново зголемување од просечно 2,06 проценти, при што еуросупер БС-95 достигна цена од 76 денари за литар, а дизелот 70 денари. Само неколку дена подоцна следуваше уште една корекција, со што бензинот БС-95 се искачи на 77,5 денари, додека дизелот достигна 73 денари за литар.

Ценовниот раст беше поттикнат од неизвесноста на меѓународните пазари и од стравувањата дека конфликтот би можел да го наруши глобалното снабдување со нафта. За разлика од енергетската криза во 2022 година, кога беа применувани поинтензивни интервенции на пазарот, Владата овој пат се определи за пазарен пристап и за редовно усогласување на цените преку методологијата на РКЕ, но и со намалување на акцизите. Надлежните институции останаа фокусирани на следењето на светските берзански движења, курсот на доларот и на обезбедувањето непречено снабдување на домашниот пазар, без појава на недостиг или рестрикции.

Доколку РКЕ утре ја потврди проекцијата на Мицкоски, тоа би претставувало едно од најзначајните еднократни намалувања на цените на горивата во последниот период и прв посериозен сигнал дека почнува да попушта притисокот предизвикан од блискоисточната криза. Воедно, премиерот прогнозира дека до крајот на годината би можела да се стабилизира цената на суровата нафта на светските пазари во распон од 70 до 80 долари за барел, што би создало предуслови за подолгорочна стабилност на цените на нафтените деривати и на домашниот пазар.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ