Синдикалната минимална кошница за јуни изнесува 68.654 денари и е намалена за 88 денари во однос на мај, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија, кој ја пресметува вредноста на месечните трошоци за четиричлено семејство.
Според структурата, најголем дел од трошоците се за храна и пијалаци – 25.120 денари, потоа режиски трошоци од 6.379 денари и околу 6.511 денари за облека и обувки. Со кирија за стан од 60 квадрати, вкупниот износ достигнува 84.024 денари.
Минималната нето-плата во Македонија изнесува 26.046 денари. Тоа значи дека една минимална плата покрива околу 38 % од синдикалната кошница, со недостиг од над 42.000 денари месечно.
Бројките само ја потврдуваат истата слика дека минималната плата е далеку од доволна за едно четиричлено семејство, а кај самостојното живеење го покрива само основниот, често недоволен минимум за преживување. Иако синдикалната кошница се однесува на семејство, пресметките покажуваат дека самостојното живеење чини меѓу 32.000 и 48.000 денари месечно. Со минимална плата од 26.046 денари, самецот веќе стартува со дефицит. Дури и во најштедливо сценарио, кога се дели кирија или се живее во поевтино сместување, платата најчесто не ги покрива ниту основните трошоци за храна, сметки и за превоз.
Во пореални услови, особено во Скопје, разликата меѓу приходите и трошоците станува уште поголема. Тоа значи дека самец со минимална плата може да преживува само со сериозно ограничување и без простор за заштеда или за стабилен месечен буџет.












