Новите правила во Формула 1 за оваа сезона донесоа речиси рамномерна распределба на моќноста помеѓу моторите со внатрешно согорување и електричната енергија (50/50). Сепак, според возачот на Вилијамс, Карлос Саинц, овој концепт веќе покажа одредени проблеми на почетокот на шампионатот.
- Претекнувањето на друг болид како да стои во место, едноставно, не е дел од ДНК на Формула 1. За мене, тоа не е Формула 1, рече шпанскиот возач на прес-конференција пред Големата награда на Кина.
Саинц нагласи дека не е експерт за технички решенија, но верува дека правилата ќе треба да се доработат.
- Не знам кои се точните решенија – дали да се зголеми протокот на гориво, да се промени начинот на полнење на батеријата или нешто друго. Но, по првите тренинзи во Австралија, беше јасно дека концептот со 50 проценти хибридна енергија веројатно не е конечното или идеално решение, објасни Шпанецот.
Тој гледа посебен проблем во таканареченото „сечење“, односно падот на електричната моќност на крајот од правците, кога болидите губат до 30 или 40 километри на час.
- Не ми се допаѓа кога максималната брзина почнува да опаѓа на средината од патеката. Исто така, кога користите режим на претекнување, разликата во брзината може да биде 60 км/ч, па го претекнувате вашиот ривал како да стои во место. Се чувствува вештачки, рече Саинц.
Тој верува дека претекнувањето во Формула 1 треба да биде резултат на борба при сопирање или во кривина, а не само резултат на огромна разлика во енергијата помеѓу два болида.
Шпанецот, исто така, изрази загриженост за безбедноста на почетокот на трките, по ситуацијата во Мелбурн кога Франко Колапинто и Серхио Перез мораа да го избегнат речиси запрениот болид на Лиам Лосон.
- Имавме голема среќа што тогаш ништо не се случи. Ако ништо не се промени, имам чувство дека би можеле да видиме сериозен инцидент во текот на сезоната, предупреди Саинц.
Сепак, тој додаде дека возачите можат само да ги изразат своите мислења, додека конечните одлуки за промените на правилата се на инженерите и менаџментот на Формула 1.
Втората трка од новата сезона на Формула 1 е во Шангај, каде што ќе се вози Големата награда на Кина овој викенд. Трката е закажана за в недела во 8 часот.











