Зад блескавата кариера на португалскиот репрезентативец Жоао Кансело се крие животна приказна исполнета со болка и трагедија. Фудбалерот што со години важеше за еден од најдобрите бекови во светот ретко зборува за најтешкиот момент во својот живот: сообраќајната несреќа во која ја загубил својата мајка.

Трагедијата се случила во 2013 година, кога имал Кансело 18 години. Тој бил во автомобилот заедно со мајка си Филомена и со помладиот брат, кој тогаш имал осум години. Несреќата засекогаш му го променила животот.

  • Тие милисекунди ми го променија животот засекогаш. Се сеќавам на последниот крик на мајка ми и на плачот на брат ми – откри Кансело во емотивно интервју.

Тој раскажа дека, по несреќата, очајнички се обидувал да ја извлече својата мајка од превртениот автомобил, но без успех.

  • Се обидов да го кренам автомобилот и да ја спасам, но едноставно не можев. Го дадов последниот атом сила што го имав – призна португалскиот фудбалер.

Иако трагедијата можела целосно да го скрши, тој решил да продолжи напред и да ја исполни својата најголема желба: да ја направи својата мајка горда. Од младинските категории на Бенфика стигна до европскиот врв, настапувајќи за Валенсија, Интер, Јувентус и за Манчестер сити, каде што ги доживеа најголемите успеси во кариерата.

По авантурите во Баерн Минхен и во Барселона, тој повторно се врати во каталонскиот гигант, иако претходно настапуваше и за Ал Хилал.

Сега неговиот фокус е насочен кон Светското првенство, каде што со Португалија сака да стигне до нов, голем трофеј. Португалците се сместени во групата К, заедно со Колумбија, Конго и со Узбекистан, и важат за главни фаворити за првото место.

За Кансело, сепак, секој успех има особено значење, затоа што зад секој освоен трофеј стои споменот за мајката, која никогаш не престанал да ја носи во своето срце.

ИЗДВОЕНИ