вторник, јули 14, 2026
Дома СВЕТ Каја Калас под канонада на критики откако ја споредила израелската Влада со...

Каја Калас под канонада на критики откако ја споредила израелската Влада со апартхејдот во Јужна Африка: Наводната изјава зад затворени врати го разгори прашањето кој е главен во надворешната политика на ЕУ

31
epa13047053 European Union's High Representative or Foreign Affairs and Security Policy Kaja Kallas reacts as she arrives for the European Council summit in Brussels, Belgium, 18 June 2026. European leaders are gathering in Brussels for a two-day meeting packed with pressing geopolitical and economic issues. EPA/OLIVIER MATTHYS

Откако се појавија тврдења дека ја споредила израелската Влада со „системот на апартхејд во Јужна Африка“, критиките кон највисоката дипломатка на ЕУ, Каја Калас, дополнително ескалираа. Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, јавно ја укори на последниот самит на ЕУ, а претседателот на Комитетот за надворешни работи на германскиот Бундестаг, Армин Лашет, јавно побара нејзина оставка.

– Не можам постојано да се борам против тие сенки, против тврдењата за тоа што наводно сум го кажала или не зад затворени врати. Да се ​​држиме до она што го кажав официјално – тоа е европската гледна точка што ја претставувам – одговара Калас на критиките.

Израел ги прекина контактите со Калас во јуни 2026 година,  откако се појавија извештаи дека на затворен состанок во Мексико таа го споредила израелското постапување со палестинските територии со поранешниот јужноафрикански режим на апартхејдот. Премногу недипломатична, премногу критички настроена кон Израел, премногу амбициозна, Калас е изложена на критики со месеци.

Причината е, од една страна, сложеноста на европската надворешна политика, а, од друга страна, нејзиниот комплициран однос со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пишува „Дојче веле“. За нивниот конфликт во Брисел отворено се коментира, па и се тврди дека Калас еднаш го употребила зборот „диктатор“. Но, ако разговарате со луѓе во Брисел, станува јасно дека помалку се работи за наводен „женски конфликт“, а повеќе за фундаменталното прашање: кој е, всушност, одговорен за европската надворешна политика? Кога ја презеде Калас функцијата, сите сакаа силен глас и јасна политичка позиција

Но, токму за тоа ја обвинуваат денес. Покрај тоа, нејзиниот простор за маневрирање е ограничен, бидејќи одлуките за надворешна политика бараат едногласност, а Европа честопати доаѓа до тоа само околу најмалиот заеднички именител – ако воопшто дојде до тоа. Многумина во Брисел разбираат дека Калас, како Естонка, предупредува за опасноста од Русија. Сепак, ова ја ослабува нејзината позиција како дипломат, па дури и како можен посредник во војната во Украина. Тогаш кој ја претставува надворешната политика на ЕУ? Тоа е вистинскиот проблем, кој оди многу подалеку од сегашниот бес. Урсула фон дер Лајен сака да води геополитички ориентирана Комисија, што често е во конфликт со интересите на Каја Калас.

Потоа тука се моќните шефови на држави и на влади. Како да не е доволно тоа, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ги претставува земјите членки на ЕУ, воспостави тајни контакти со Москва, без претходно да се координира со другите. И не е ли вистински „министер за надворешни работи на ЕУ“ комесарот за трговија, Марош Шефчович, кој има директен пристап до Вашингтон и до Пекинг? Европската комисија, шефовите на држави и на влади и Каја Калас се натпреваруваат за европската надворешна политика, наведува весникот.

За да се надминат овие блокади, внатрешен француски документ предлага три опции за реформа. Едната е целосно да се стави надворешната политика под надлежност на Европската комисија. Втората можност е да се префрли во надлежност на Советот на ЕУ, односно на Кошта и на претставниците на 27. шефови на држави и на влади. Третата можност би била значително зајакнување на позицијата на Калас и на Европската служба за надворешна акција во рамките на системот на ЕУ. Сепак, во моментов сите три опции се сметаат за малку веројатни.

Калас, веројатно, ќе мора да се помири со фактот дека, како поранешна премиерка, сега само подготвува одлуки заедно со министрите за надворешни работи, додека конечните одлуки ги носат нејзините поранешни колеги, шефови на држави и на влади. Нејзините поддржувачи велат дека воопшто не е лесно да се разбере. На крајот на краиштата, ова беше само нејзин втор избор – таа, всушност, сакаше да стане генерален секретар на НАТО. Но, дури и за таа позиција ја сметаа за премногу недипломатична.

ИЗДВОЕНИ