Поранешниот светски тениски рекет број еден и двократен гренд слем шампион, Русинот Марат Сафин, е убеден дека Јаник Синер и Карлос Алкарас се врвни играчи, но дека немало да доминираат доколку играле во ерата на Роже Федерер, Рафаел Надал и на Новак Ѓоковиќ.
Во разговор на јутјуб-каналот со својата сестра, Динара Сафина, и Ана Чакветадзе, Русинот истакна дека не се плаши од денешниот водечки тандем на начин на кој го плашеа легендите од „големата тројка“.
– Мислам дека, веројатно, би загубил од нив, но не ги гледам како застрашувачки играчи – рече Сафин.
Тој особено се осврна на честите споредби меѓу Јаник Синер и Роже Федерер, кои решително ги отфрли.
– Не, тие воопшто не се слични. Тоа е сосема друго ниво. За да го достигнат нивото на Федерер, тие мора да напредуваат многу повеќе – рече Сафин.
Тој нагласи дека неговите зборови не се обид да ги намалат достигнувањата на двајцата најдобри тенисери во светот.
– Не сакам никого да понижам. Тоа е само мој начин на гледање на работите – додаде тој.
Сафин верува дека ситуацијата на АТП-листата би изгледала сосема поинаку ако играа Синер и Алкарас во времето кога беа Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роже Федерер на врвот од светскиот тенис.
– Ако играа Синер и Алкарас во ерата на Надал и Ѓоковиќ или дури и на почетокот од 2000-тите, тие немаше да бидат број еден или број два во светот, а не сум сигурен и дали ќе беа меѓу првите десетмина во светот. Едноставно, не мислам дека ќе бидат толку многу високо на АТП – заклучи Сафин.












