понеделник, септември 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Јаневска: Во септември ќе имаме најмалку 3.000 првачиња помалку

Јаневска: Во септември ќе имаме најмалку 3.000 првачиња помалку

1273

Во претстојната учебна 2026/27 година ќе имаме најмлаку околу 3.000 првачиња помалку, изјави денеска министерката за образование Весна Јаневска. На прес-конференцијата на која беа соопштени резултатите од полагањето на државната матура таа рече дека е загрижувачка состојба со намалувањето на бројот на учениците во основното образование.

-Во овој момент бројката е 4.900 првачиња помалку од лани. Но, ќе се дозапишуваат и во овој период. Но, бројката ќе стигне најмногу до 3.000. Значи, сигурно ќе имаме 3.000 првачиња помалку од лани – предупреди Јаневска.

Таа информира дека просечен успех на кој што е постигнат на полагањето на државната матура е 3,66.

-Со ваков успех сме многу задоволни. Тој е на нивно на минатогодишниот просек кој изнесуваше 3,69 проценти и подобар од прекланскиот кој беше 3,26. Познато е, годинава матурата се полагаше по нов модел со кој сите ученици ги направивме рамноправни при полагањето со тоа што одговараа на прашањата кои се однесуваа на материјалот кој што го изучувале во претходните години. Подобрувањето се должи како на целиот систем така и на односот на учениците и на тестаторите – нагласи Јаневска.

Повеќе од 14 500 ученици кои завршија средно образование во учебната 2025/2026 година беа пријавени за полагање на екстерните испити (задолжителниот мајчин јазик и уште еден предмет од понудените за избор) од матурата во јунската испитна сесија. Тестовите ги полагаа на 6 и на 11 односно 12 јуни. Од вкупно пријавени 14 587 ученици за полагање на матурата, 12 184 беа пријавени да полагаат државна матура, 2276 ученици за државна стручна матура и 127 пријавени за државна уметничка матура. На полагањето не дошле 348 пријавени или 2,39 отсто. Гимназијалците полагаа само државна матура, која, исто така, според новата концепција, можеа да ја полагаат и учениците од стручните и од уметничките училишта, кои избираа помеѓу државна матура и стручна односно уметничка матура,

За државна матура се полагаше тест по странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика. Матурантите што полагаа државна стручна матура имаа тест по англиски или по математика, а за државна уметничка матура изборот беше помеѓу англиски јазик и историја. Како и во минатите години, за екстерниот испит најмногу полагаа англиски јазик (13 208). Другите четири странски јазици беа опција само за учениците кои полагаат државна матура. За секој испит (предмет) од типовите матура беа изработени посебни испитни програми врз основа на кои беа изготвени испитните прашања, а се темелеа на наставните програми по кои учениците следеле настава во текот на нивното четиригодишно образование. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ