Украинскиот фудбалер Михајло Мудрик повторно ја разбранува спортската јавност со шокантни откритија за допинг-скандалот поради кој долго време беше надвор од фудбалските терени. Крилниот напаѓач на Челзи, кој моментално е позајмен во Тотенхем, директно ја обвини Украинската фудбалска асоцијација дека не му помогнала во најтешкиот период од кариерата.
Мудрик беше суспендиран откако беше откриен во неговиот организам мелдониум, забранета супстанција, што доведе до целосен пресврт во неговата кариера. Во интервју за украинскиот јутјуб-канал „Визитинг Гордон“, 25-годишниот фудбалер откри дека се сомнева оти супстанцијата влегла во неговото тело во текот на престојот со националниот тим во Украина.
Тој посочи дека Федерацијата само привидно му нудела помош, а во реалноста му создавала дополнителни проблеми. Мудрик ја обвини асоцијацијата и за протекување информации поврзани со случајот, откривајќи дека сам ги покрил правните трошоци, кои достигнале милионски суми, како и трошоците за личните тренери и за подготовките додека немал пристап до клупските објекти на Челзи.
- Се преправаа дека помагаат, но во реалноста немаше никаква помош. Направија повеќе проблеми отколку што решија. Кога ни беше најпотребна поддршката, ни свртеа грб – изјави Мудрик, кој призна дека првичната вест за позитивниот допинг-тест била огромен психолошки удар за него.
Обвинувањата веднаш предизвикаа реакција од претседателот на Украинската фудбалска асоцијација, легендарниот Андриј Шевченко. Поранешниот напаѓач на Милан и на Челзи категорично ги отфрли тврдењата на Мудрик и побара од него да понуди докази за сериозните обвинувања.
- Ако има докази за тоа што го кажал, нека ги приложи. Доколку нема, очекувам јавно да ги повлече своите обвинувања и да им се извини на луѓето чии интегритет и професионалност ги доведе во прашање – порача Шевченко.
Така, допинг-случајот на Мудрик прерасна во отворена војна со раководството на украинскиот фудбал. Останува да се види дали ќе ги поткрепи фудбалерот своите тврдења со докази и дали ќе добие Шевченко јавно извинување.











