Извршниот одбор на СДСМ денеска донесе одлука и иницираше постапка за исклучување на Петре Шилегов од членството на СДСМ, соопшти вечерва најголема опозициска партија.
Во соопштението по одржаната седница на партискиот Извршен одбор се наведува дека поранешниот скопски градоначалник одработува за ВМРО-ДПМНЕ.
-Шилегов е уценет и одработува за ВМРО. Ја разоткривме целата бизнис шема на Христијан Мицкоски во енергетиката, од Адамовиќ до „Руднап“. Сега на сите им е јасно зошто толку многу сакаат да го рушат СДСМ. ВМРО толку падна што единствената опција им остана обидот да го урне СДСМ одвнатре.
Сега на сите им е јасно дека станува збор за „платформа за рушење на СДСМ“, соопшти оваа партија.
Според изворите во партијата, одлуката за исклучување треба да ја донесе општинската партиска организација на СДСМ за општина Карпош каде што членува Шилегов.
Шилегов оваа вест ја дочека додека гостуваше во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, каде зборуваше во својство на бранител на еден од обвинетите во судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Запрашан за коментар, Шилегов рече дека во почит на денешниот ден и трагедијата во Кочани вечерва нема да дава политички изјави, најавувајќи дека одлуката на партијата ќе ја коментира утре.
-Утре ќе го имам коментарот, од должна почит кон луѓето кои го загубија животот на денешен ден. Не мислам дека сега е моментот политички, а имам што да кажам за психотропните супстанци на одредени лица и парите што така лесно ги имаат заработено во изминатиот период – рече Шилегов. (Б.Ѓ.)












