четврток, јуни 25, 2026
Дома СВЕТ Израелски министер се заканува со војна во Сирија

Израелски министер се заканува со војна во Сирија

28
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Израелскиот министер за дијаспора, Амихај Чикли, изјави дека Иран повеќе не претставува најголема безбедносна закана за Израел и дека денес Турција, Сирија и Катар се многу поголем предизвик.

Зборувајќи на Меѓународниот политички самит на JNS во Ерусалим, Чикли тврдеше дека „Турција на Ердоган и Сирија под контрола на Ахмед ал-Шара се многу позагрижувачки од Иран“.

Според него, ерата на „шиитската империја на Иран, Сирија на Асад и Хезболах“ е завршена, а на нејзино место е нова оска составена од Турција, Сирија и Катар.

„Новата оска е оската на Муслиманското братство предводено од Турција, Сирија и Катар на Ердоган. Време е да ги отворите очите“, рече Чикли, пренесува N1 БиХ.

Министерот, познат по своите остри ставови, претходно изјави дека Израел ќе војува со Сирија во иднина и ги вклучи Турција, Катар и Пакистан во она што го нарекува „оска на злото“.

„Порано или подоцна, ќе војуваме со Сирија затоа што таа и Турција се многу позагрижувачки од Иран“, рече Чикли во интервју за израелската радио станица 103FM, која е поврзана со весникот „Маарив“.

Израелскиот министер постојано ги критикуваше регионалните земји вклучени во дипломатските напори за ставање крај на конфликтот. Минатата среда, тој изрази противење на она што го нарече „оска Катар-Турција-Пакистан“, тврдејќи дека трите земји одиграле улога во посредувањето во договорот меѓу Вашингтон и Техеран.

„Договорот што се оформува е загрижувачки, а најмала моја загриженост е закрепнувањето на иранската економија“, рече тој, осврнувајќи се на штетата предизвикана од војната и годините санкции.

ИЗДВОЕНИ