„Архитектура на невидливото“ е насловот на изложбата со која познатиот македонски мултимедијален уметник, Страхил Петровски, на 16 јули (18:30 ч.), ќе се претстави во македонскиот Културно-информативен центар во Софија.

„Вистинската вредност на еден уметник не произлегува од тоа колку успешно ја продолжува традицијата, ниту од тоа колку радикално ја негира, туку од способноста да воспостави нов систем на односи во рамките на веќе постојното визуелно искуство. Творештвото на Страхил Петровски се развива токму во таа сложена рамнотежа. Имено, во неговите дела можат да се препознаат одгласи од големите промени што европската и светската уметност ги доживеаја во текот на дваесеттиот век, но тие никогаш не се појавуваат како директни цитати или стилски заменки. Неговото сликарство не се потпира на историски модели за да ја потврди сопствената легитимност, туку напротив, историјата овде функционира како тивка културна меморија врз која постепено се изградува индивидуалниот авторски израз, вели проф. д-р Зоран Пејковски, директор на македонскиот Културно-информативен центар во Софија.

Страхил М. Петровски е роден 1974 година во Куманово, Република Македонија. Тој дипломира сликарство во 1997 на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, по што во 2000 завршува постдипломски студии на истиот факултет. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

ИЗДВОЕНИ