Пожарот што избувна во саботата на градската депонија во Крива Паланка е целосно изгаснат, информираше командирот на Територијалната противпожарна единица – Крива Паланка, Иле Коцевски.
Пожарот бил ставен под контрола вчера претпладне, но поради повеќето жаришта и создавањето запаливи гасови, екипите продолжиле со интервенцијата до доцните вечерни часови. Целосното гасење завршило околу 22:30 часот.
Коцевски посочи дека пожарникарите речиси 30 часа непрекинато работеле на терен за да го спречат повторното разгорување на огнот.
Дополнително, во текот на денешниот ден на депонијата требало да бидат донесени околу 50 камиони со земја, со која ќе се покријат и натрупаат критичните делови од депонијата, со цел дополнително да се обезбеди просторот.
Во интервенцијата, покрај припадниците на ТППЕ Крива Паланка, учествувале и вработени од ЈП „Комуналец“, а помош била обезбедена и од противпожарните единици од Ранковце, Дирекцијата за заштита и спасување и од Општина Крива Паланка. Во гасењето и санацијата биле вклучени и повеќе приватни компании од регионот, кои помогнале со обезбедување земјен материјал за затрупување на депонијата.
Од ЈП „Комуналец“ информираат дека нивните екипи остануваат на терен и продолжуваат со дежурствата на локацијата за навреме да реагираат доколку повторно се појави чад или жариште.
Од Центарот за управување со кризи, пак, информираат дека во текот на денешниот ден, до 13:00 часот биле регистрирани вкупно 7 пожари на отворен простор, од кои активни се 3, под контрола се 2, а 2 пожари се изгаснати.
Инаку, активни се пожарите во селото Лакавица, Општина Штип, каде што гори ниска вегетација, потоа во местото викано Видуш, во близина на селото Драгов Дол, Општина Македонски Брод, каде што горат сува трева, нискостеблеста шума и грмушки, како и кај воениот полигон Криволак, Општина Неготино, каде што гори ниска вегетација.
Под контрола се пожарите на депонијата, излезот од Крива Паланка, Општина Крива Паланка, и во Општина Делчево, каде што гори градската депонија.
Изгаснати се пожарите на патот пред РЕК Битола, Општина Новаци, и во местото викано Кулата, Општина Велес.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, објави дека според најновиот преглед на Македонскиот информациски систем за шумски пожари, од 10 август 2026 година, во 12:45 часот, речиси целата територија на Република Северна Македонија, со исклучок на повисоките делови на Шара, била со висок метеоролошки индекс за опасност од пожари.
– Иако во моментов нема области со многу висок метеоролошки индекс за опасност од пожари, сепак, постои ризик од појава на пожари на отворен простор, како и шумски пожари со голем интензитет, на целата територија на државата – нагласи Али.












