Нова тешка сообраќајка, во која се повредени вкупно четири лица, се случи денеска изутрина на патниот правец Гостивар – Кичево, само по два дена откако на неа, во друга сообраќајна незгода, загина едно лице. Претходно, вчера, на таа делница беше забележана третата тешка сообраќајна незгода во која со тешки телесни повреди се здоби еден мотоциклист. Со ова, практично одново се потврдува дека оваа патна планинска делница, долга околу 46 километри и која во нормални околности се поминува со автомобил за околу 50-55 минути, претставува еден од најризичните патишта во земјава бидејќи често се случуваат сообраќајни незгоди на неа.
Полицијата денеска соопшти дека се повредени четири лица, меѓу кои и три деца, во сообраќајна несреќа во која учествувале четири автомобили и еден камион на магистралниот пат во близина на каменоломот „Прогрес 98“. Незгодата била пријавена околу 7:40 часот, при што повредените се наоѓале во едно од возилата.
– По незгодата, три малолетни лица и една жена, кои биле во еден од автомобилите, се пожалиле за здравствени проблеми и биле упатени во гостиварската болница за укажување медицинска помош – изјави портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.
Вршењето на увидот по незгодата вчера предизвика отежнато одвивање на сообраќајот и создаде колони возила од двата правци, кои полицијата наизменично ги пропушташе кон Кичево и кон Гостивар.
Во саботата, пак, тешка сообраќајна незгода на тој патен правец беше фатална за 63-годишен скопјанец. Во попладневните часови, во полициската станица Гостивар било пријавено дека на магистралниот пат Гостивар – Кичево се случила сообраќајна несреќа меѓу патничко возило „пежо“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Н. С. (34) од селото Маврово, Гостиварско, и автомобил „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Ѓ. П. (63) од Скопје.
– Во несреќата, возачот на „опел астра“, Ѓ. П. (63), починал на местото од здобиените повреди. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. Возачот на „пежото“, Н. С. (34), се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Ургентниот центар во Гостивар за укажување лекарска помош – беше наведено во полициското соопштение.
Завчера, пак, со тешки телесни повреди во Ургентниот центар во Гостивар бил донесен еден мотоциклист што паднал при возењето во близина на каменоломот на тој правец Гостивар – Кичево.
– Лицето О. Ќ. (29) од Албанија било тешко повредено на магистралниот пат Гостивар – Кичево откако загубило контрола над мотоциклот „јамаха“ и паднало во близина на каменолом. О. Ќ. имал привремен престој во Маврово – соопшти полицијата.
Инаку, во април минатата година, на патот Кичево – Гостивар се случи една од најтешките сообраќајки, кога во близина на селото Трапчин Дол загинаа три лица, а осум беа повредени. Во несреќата тогаш учествувале три возила. Преклани, пак, во сообраќајна незгода кај каменоломите загинаа две лица откако дојде до судир меѓу „ауди“ со странски регистарски ознаки, управувано од 42-годишниот Е. З. од Кичево, и „шкода“ со скопски ознаки, управувана од Ш. Н. (48) од тетовско Камењане.
Новите и досегашните сообраќајни незгоди одново докажуваат дека магистралниот пат Гостивар – Кичево со право се смета за една од најризичните и најопасни патни делници во Македонија. Патот редовно се соочува со сериозни сообраќајни несреќи со тешки последици. Иако се во тек сериозни градежни работи за изградба на нов, безбеден автопат Гостивар – Букојчани, како дел од Коридорот 8, чие завршување со очекува во 2029 година, ризиците на актуелната делница се постојани. Сообраќајните експерти повеќе пати укажуваат дека главни фактори што го прават патот опасен се планинскиот терен и превојот Стража, каде што има терен со остри кривини, долги нагорнини и надолнини, а што драстично ја намалува прегледноста. Освен ова, возачите често не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, возејќи со неприспособена брзина и со непочитување на правилата за престигнување возила. На патот често се присутни и тешки товарни возила и автобуси, поради што се создаваат долги колони возила. (Б. Ѓ.)












