Повеќе од 17 илјади македонски возачи може да удрат во ѕид со правилото 90 дена во 180 дена, иако секојдневно во Европа одат по работа. Системот ги брои деновите како за обични патници, па кога ќе го потрошат лимитот, им се затвора вратата и за нова тура, но и за приватно патување. Од „Макам-транс“ велат дека ваквата ситуација веќе им прави сериозни проблеми на превозниците, додека Владата најавува дека со билатерални договори со европските земји се обидува да го закрпи проблемот

Проблемот со правилото 90 дена во 180 дена, кое со воведувањето на ЕЕС-системот овозможува многу попрецизно електронско следење на влезовите и излезите од Шенген, засега останува нерешен за професионалните возачи од земјите надвор од ЕУ.
Особено на удар се превозниците од шесте земји на Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија и Македонија), кои секојдневно ја минуваат европската граница поради работата, а во практиката и натаму се третираат како и сите други патници. Тоа создава сериозен проблем за македонските камионџии, бидејќи по искористувањето на дозволените 90 дена, тие мораат да чекаат да истече периодот од 180 дена за да можат повторно да влезат во Шенген-зоната.
Од Асоцијацијата „Макам-транс“ веќе предупредија дека проблемот не е само административен туку директно им го удира бизнисот на превозниците. Возачите кои живеат од европските тури можат да останат без можност да работат, а дополнителен апсурд е што ограничувањето може да важи и кога човек патува приватно.
Таков пример посочија од Асоцијацијата, каде што на возач кој ги искористил дозволените 90 дена не му било дозволено да влезе во Грција на семеен одмор.
– Европската комисија во јануари годинава ги призна професионалните возачи од Западен Балкан за вршители на дејност, но на граница сликата е друга – таму системот и натаму ги брои деновите како да станува збор за обични физички лица – велат од Асоцијацијата „Макам-транс“ и додаваат дека превозниците се разочарани од нерешавањето на нивниот статус и сè почесто на турите низ Европа се соочуваат со засилени контроли од тамошните служби.
Поради тоа, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора се обидуваат да извршат дополнителен притисок врз Европската комисија. На состанокот во Брисел, кој е најавен за почетокот на септември, тие очекуваат конечно да се најде решение. Беа најавени и протести и блокади, но превозниците засега ја ставија таа опција настрана и чекаат да видат што ќе донесат разговорите со Брисел.
Станува збор за проблем кој во Македонија може да засегне околу 17.000 професионални возачи, додека на ниво на Западен Балкан, бројката се проценува на околу 100.000.
Од македонската Влада уверуваат дека не седат со скрстени раце и дека активно се работи на решение за македонските превозници. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, деновиве изјави дека Владата има редовна комуникација со превозничките здруженија и дека проблемот се решава и преку билатерални договори со земјите од Шенген-зоната.
– Имаме редовни средби, ако не еднаш неделно, тогаш на две недели. Имаме одлична соработка. Ова прашање е едно од стотиците прашања што ги решаваме. Во однос на проблемот што настана со воведувањето на „Ентри/Егзит“ системот на Европската Унија, ние го правиме нашиот максимум и превозниците имаат целосна поддршка – рече Николоски.
Според него, ЕЕС е прашање кое е во надлежност на Европската Унија и Шенген-зоната, но Македонија не сака само да чека Брисел да го реши проблемот, туку бара начини како во меѓувреме да ги заштити домашните превозници. Токму затоа веќе се склучени билатерални договори со Хрватска, Швајцарија и Романија, а во моментов се работи и на договори со Австрија, Унгарија и Германија.
– Очекувам во текот на октомври да започнеме разговори и со Словенија и на тој начин да бидат покриени земјите каде што нашите превозници најчесто работат или транзитираат – најави Николоски.
Тој смета дека треба преку директни договори – земја по земја да се крпи таму каде што може да се закрпи додека не се постигне трајно решение на ниво на Европска Унија. Превозниците, сепак, бараат резултат, а не само разговори. За нив, секој ден поминат во чекање е потенцијално изгубена тура, изгубен приход и дополнителна неизвесност. Тие не бараат привилегија, туку сакаат да можат нормално да си ја вршат работата.
(С. Бл.)












