недела, јуни 28, 2026
Дома СВЕТ Иран ги тужи САД во Хаг

Иран ги тужи САД во Хаг

95
EPA/SHAHZAIB AKBER

Иранската влада поднесе тужба против Соединетите Американски Држави пред арбитражното тело во Хаг, обвинувајќи го Вашингтон за воени напади врз иранските нуклеарни постројки, наметнување економски санкции и закана за употреба на сила, објави иранската новинска агенција Мизан, а беше објавено и од новинските агенции Ксинхуа и Тасним.

Според обвинувањата, Техеран го темели својот случај на Алжирските декларации од 1981 година, кои, по заложничката криза во американската амбасада во Техеран, ги регулираа односите меѓу двете земји и воспоставија механизам за арбитражно решавање на спорови. Трибуналот за тужби меѓу Иран и САД, со седиште во Хаг, има надлежност и за споровите меѓу двете влади околу толкувањето и примената на овие декларации.

Во тужбата, регистрирана како случај А-34, Иран бара изјава дека САД ја прекршиле обврската од Алжирската декларација да не се меша, директно или индиректно, политички или воено, во внатрешните работи на Исламската Република. Техеран, исто така, бара Вашингтон веднаш да ги запре ваквите дејствија, да обезбеди гаранции дека тие нема да се повторат и да ја надомести штетата што Иран тврди дека ја претрпел.

Во поднесокот, иранската страна конкретно посочува на настаните за време на дванаесетдневната војна во јуни 2025 година, кога, според агенцијата Синхуа, САД бомбардираа три ирански нуклеарни објекти – Фордо, Натанц и Исфахан.

Техеран тврди дека потезите на САД биле кршење на меѓународните обврски и обид за директен притисок врз внатрешната политика на Иран. Иранските медиуми, исто така, наведуваат дека шестата рунда преговори меѓу Техеран и Вашингтон била планирана за 15 јуни 2025 година, но дипломатскиот процес бил прекинат со избувнувањето на војната меѓу Израел и Иран два дена претходно.

Деканот на Универзитетот за меѓународни односи при иранското Министерство за надворешни работи, Мохамед Реза Дешири, оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп бил свесен за плановите на израелското раководство и, како што изјави, де факто ги одобрил. Сепак, ова тврдење останува дел од иранското толкување на настаните во овој момент.

Според достапните извештаи, Вашингтон сè уште официјално не коментирал за најновата иранска арбитражна постапка во Хаг.

ИЗДВОЕНИ