Министерот за спорт Борко Ристовски, претседателот на Владата Христијан Мицкоски и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев присуствуваа на поставувањето камен-темелник на два значајни инфраструктурни проекти, кои ќе придонесат за сериозен развој на спортот во Кавадарци и во Тиквешкиот Регион.
Првата инвестиција опфаќа изградба на нов, современ спортски објект во рамките на спортскиот центар „Јасмин“, проект вреден 118 милиони денари, кој ќе овозможи изградба на нова кугларница, сала за гимнастика ,како и сместувачки капацитети за спортистите.
Паралелно со тоа, почнува реализација и на вториот проект: изградба на нов картинг-центар во месноста Моклиште, инвестиција вредна 35.247.407 денари, со што градот ќе добие целосно нов спортско-рекреативен комплекс наменет за развој на мотоспортот, рекреативни активности и за организација на спортски настани.
Станува збор за вкупна инвестиција од над 153 милиони денари, која претставува дел од поширокиот циклус на капитални вложувања на Владата во спортската инфраструктура во државава.
Министерот Ристовски истакна дека спортот повеќе не смее да биде оставен без системска поддршка и дека квалитетната инфраструктура е основен предуслов за развој на нови генерации успешни македонски спортисти.
– Нема силен спорт без силна инфраструктура. Денеска инвестираме во објекти, но суштински инвестираме во младите луѓе, во нивната иднина и во новите генерации македонски шампиони – порача Ристовски.
Министерството за спорт и Владата продолжуваат со реализацијата на нов инвестициски циклус, чија цел е рамномерен развој на спортот во сите делови од државава и создавање современи услови за тренинг, натпреварување и развој на спортските клубови и на спортистите.












