Не постои добро пишување без многу читање, длабоко сум уверена во тоа. Кај постарите автори, книжевните писма почиваа на обемна лектира, кај помладите и најмладите, многу често се забележува дека нивните писма не почиваат, ниту, пак, произлегуваат од некаква завидна лектира, туку сè почесто се „потпираат“ само и исклучиво на филмовите, сериите, трендовите… Не велам дека тоа, генерално, е лошо, туку само го подвлекувам како констатација, како состојба во современата книжевност, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР реномираната македонска писателка Оливера Ќорвезироска, чиј роман „Три Марии“ е прво и засега единствено дело што ги доби трите најзначајни книжевни награди во Македонија („Роман на годината“,„Стале Попов“ и Рациновото признание)

Романот „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска, на книжевен план ја означи изминатата, но и оваа година. Книгата е актуелен добитник на престижната награда „Роман на годината“, на реномираната „Стале Попов“, како и на Рациновото признание. „Три Марии“ е првото и засега единствено дело што ги доби овие три најзначајни книжевни награди со што си обезбеди посебно место во македонската книжевност. „Роман за љубовта, но не љубовен, туку психолошко-аналитичен; роман за изборите во животот, за жртвите и надежите, за копнежите по среќа…“, „вешто исткаено четиво“, „проза што ја преиспитува комплексноста на љубовта, движечката енергија на животот…“, „мајсторски напишан роман, во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната“, „реминисценција на македонскиот книжевен класик, Славко Јаневски…“ се дел од критиките со кои беше почестен романот.

Со авторката Ќорвезироска (р. 1965, Куманово), наша реномирана писателка, поетеса, есеистка, критичарка, уредник во издавачка куќа за весникот ВЕЧЕР разговараме токму за „Три Марии“, за наградите, но и за нејзините согледби за книжевноста, книжевната продукција, македонскиот јазик…

Нејзиниот трет роман за возрасни „Три Марии“, доаѓа по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“, а авторка е и на книгите раскази „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“. Нејзините раскази се преведувани на повеќе јазици, а застапена е и во дваесетина антологии на современиот македонски расказ. Во нејзината библиографија се и збирките поезија „Трети кат“ и „Високите бели“; книгите критика и есеистика „Отвораат ли сништата работа“, „Еден Текст и една жена“ и „На полпат“; романите за деца „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ и сликовниците: „Дедо Миле“, „Зорки и Цветка“ и „(С)обувки“. Освен на неодамна добиената награда „Роман на годината“, Рациновото признание, добитничка е и на награди за расказ, а веќе вторпат и на „Стале Попов“ на ДПМ.

Како се пишува дело како „Три Марии“? Роман за отпорот кон општоприфатените правила на однесување, одличен приказ на односот маж – жена низ повеќе генерации, напишан со мајсторска раскажувачка техника, со незаборавни реченици, четиво кое те тера да му се враќаш одново и одново…

Технички, доста едноставно: седнувате на компјутер и чукате на тастатурата. Посериозно кажано, веројатно треба човек малку да се посвети на идејата, да ја обмисли, да ја поноси во себе, во главата, во умот… и кога ќе се избистри и ќе стане појасна, да почне да излегува како букви, како зборови, реченици, како текст… Полека да станува видлива. Барем јас така работам, а претпоставувам и други писатели. Секогаш во нас, во некоја заднина си работи некое програмче за книга што би сакале да ја напишеме. Самото пишување (чукањето на тастатурата) е финалниот процес од создавањето ново дело, нова книга.

Што претставува добивањето на трите најзначајни книжевни награди доделени од различни комисии за авторот? И каде во книжевната историја го става делото?

Неколкумина македонски писатели (Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Блаже Миневски, Венко Андоновски…) ги имаат добиено сите три награди за проза што постојат во земјава, дури и повеќе од еднаш, но за различни дела. Тоа што овој пат сите три награди ги добива еден ист роман, се разбира ме радува, иако, да бидам искрена, малку сум и изненадена, оти не се има случено претходно. Различни жири-комисии застанале зад еден ист наслов во годишната продукција за 2025 и тоа е навистина големо и широко признание за „Три Марии“.

Во романот, освен со насловот, и со повеќе знаци се навраќате на Славко Јаневски и „Две Марии“. Имате прекрасни описи на македонските свадбени обичаи од Кумановско и Велешко… Неодамна изјавивте дека длабоко верувате во континуитетот на националната книжевност. Колку е значајно македонските писатели да се надградуваат на претходниците?

На книжевноста, а и воопшто на уметноста, гледам како на континуитет. Ништо не почнува од нас, само продолжува, се накалемува на она што било претходно. Имајќи вакви сфаќања и ваков пристап, ми се виде сосем нормално да направам едно хибридно чествување на нашиот претходник Славко Јаневски, реферирајќи на насловот на неговиот познат роман „Две Марии“ од 1956, именувајќи го еден од главните машки ликови во романот со неговото име, „расфрлајќи“ негови книги низ романескниот простор. На крајот на краиштата, и на самата корица на „Три Марии“ е видлива раката на Јаневски – искористен е детаљ од неговата слика „Бош“, трите женски глави. Иако во содржинска смисла нема никаква врска помеѓу неговите „Две Марии“ и моите „Три Марии“, сепак мојот роман е омаж за Јаневски. Во романот има три жени, три љубови, три свадби и природно е што има и етнообичаи, не случајно и поднасловот е „роман басма“, мораше тоа некако да се оправда, да се вклопи.

Како уредник во издавачката куќа „Арс Ламина“, од минатата година ја воспоставивте наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, а постои и наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за возрасни. Одлична иницијатива за поттикнување на писателите, но и на оние што уште не се одлучиле да пишуваат или немаат можност да го објават своето дело кај некои од издавачките куќи. Колку овие иницијативи/награди се значајни за збогатување на македонската книжевна продукција?

Наградата „Пегаз“ за необјавен роман е востановена 2019 година и во моментот конкурсот е во тек по осми пат. На почетокот, „Пегаз“ не беше ограничен само на необјавени романи за возрасни, така што учествуваа и романи за деца и млади, дури 2023 година наградата ја доби роман за млади („Риба во(н) мрежа“ на Јована Матевска Атанасова). Од минатата година Арс Ламина реши „Пегаз“ да се допрецизира како награда за необјавен роман за возрасни, а ја востанови и наградата за необјавен роман за деца и млади именувана како „Оливера Николова“ во чест на нашата голема писателка. На овој начин, двете награди целно и самостојно придонесуваат за развојот на двата жанра, без мешање и заемно конкурирање и преклопување. Дополнително, откако ќе бидат објавени победничките ракописи, а објавувањето е дел од наградите, романите можат да конкурираат и за други награди за објавени книги, со што се зголемува нивната видливост.

Како книжевна критичарка, како би ја оцениле македонската продукција во последните години? Дали има нови книжевни имиња со кои јавноста допрва треба да се запознае? Што мислите, дали има суфицит или дефицит на квантитет и квалитет? Без постоење книжевна критика во медиумите, како се одредува квалитетот на едно дело?

Работите понекогаш се чинат многу комплицирани, поретко се правопропорционални, почесто обратнопропорционални. Продукцијата станува сè поголема, квантитетот е во залет, лесно се добива впечаток дека сето тоа е на грбот на квалитетот. Но, не е баш така. Се појавуваат нови, одлични автори, постојните фаќаат нов правец, експериментираат или го зацврстуваат своето веќе освоено место. Мислам дека имаме одлични автори од сите генерации, проблемот е што понекогаш мораме да ги пребаруваме, не се веднаш забележливи во сиот овој наплив и достапност секој да може да објавува речиси што сака. Да, многу е потешко да се ориентираме без книжевната критика, ама и со неа таква каква што е во мигот, можеме да се збуниме, оти се појавува каде што не ја очекуваме и праќа нејасни сигнали.

На младите писатели им порачавте дека треба да се фокусираат на читањето. Дали сметате дека нечитањето е загрижувачко?

Да. Загрижувачко и не само видливо, туку и заслепувачко. Нечитањето трешти, секој секаде може да го забележи. Го среќаваме дури и во книгите (во литературата што претендира да биде уметничка!) како површност и скудност, во медиумите како трупање флоскули и вербални клишеа без значење, дури и смисла, на социјалните мрежи како страшно ограничен лексички фонд, елементарно непознавање правопис…

Што, според Вас, освен читањето, е важно за да се напише добар роман/расказ: моментален изблик, приказни кои зреат во нас, искуствата што сме ги потиснале, раскажувачката техника, богатиот лексички фонд или сè заедно…

Сето тоа заедно, со нагласка дека читањето отсекогаш било прво и мора да остане прво во оваа низа на предуслови за добро дело. Не постои добро пишување без многу читање, длабоко сум уверена во тоа. Кај постарите автори, книжевните писма почиваа на обемна лектира, кај помладите и најмладите, многу често се забележува дека нивните писма не почиваат, ниту, пак, произлегуваат од некаква завидна лектира, туку сè почесто се „потпираат“ само и исклучиво на филмовите, сериите, трендовите… Не велам дека тоа генерално е лошо, туку само го подвлекувам како констатација, како состојба во современата книжевност. Мислам дека идеално би било книжевните писма да почиваат и на модерните нешта, но без да биде исклучено читањето, лектирноста. За жал, некогаш книгите се само бледи имитации, трансфери и пресликувања на хартија на виденото на ТВ или на разните филмски платформи.

Постојано зборуваме и се залагаме за заштита на македонскиот јазик, но проблемот е што младите генерации, покрај тоа што воопшто не познаваат одредени македонски зборови кои ги заменуваат, доминантно со англизми, тие сè повеќе и неправилно синтаксички ја градат и реченицата… На катедрата за македонски јазик, со години се запишуваат по неколку студенти. Што мислите, што треба и што мора да се направи? Треба ли да сме загрижени?

Треба да се загрижиме, но мора и да бараме решение. Државата мора да помогне со некаква стратегија за зачувување на националните катедри, зашто ако немаме катедра за јазик, не можеме да имаме ни катедра за книжевност, не можеме да бидеме НИЕ ниту однатре, а не, пак, однадвор. Јазикот сегде, дури и во секојдневната комуникација, по улиците, во лифтовите е сè поиспостен и поизгладнет, родените говорители се на самиот раб на лингвистичка анорексија… Мислам дека луѓето сè уште не сфаќаат дека сето тоа е резултат на необразование, на нечитање и на општа негрижа за себе и за нас самите.

Како писателка, есеистка, критичарка, како во себе балансирате со писателот што пишува и со уредникот што треба да брише и да поправа?

Понекогаш мислам дека уредничката работа ѝ пречи, ја ограничува писателската, но, многу почесто мислам дека едното и другото не се во конфликт и недоразбирање, туку во некаква чудна хармонија, и дека уредничката работа повеќе ми го остри моливот, отколку што ми го затапува. Уредничката работа е еден вид гаранција дека ќе прочитате доволно, пред да помислите или да посегнете да пишувате.

Од поезија, есеи, раскази, романи, детски книги… жанровски разнолика е вашата библиографија. Каде се пронаоѓате најмногу?

Во одделни периоди од животот повеќе приклонував кон еден или кон друг жанр. Долго мислев дека расказот за возрасни е мојот венчален книжевен жанр, ако се погледнат моите објавени книги досега, збирките раскази и се најмногубројни. Иако последните години не бев сосем сигурна во тоа, зашто и романот почна значително да ме интересира, сепак, расказот е веројатно моето книжевно алтер-его, бурма на раката што раскажува. За деца пишував кога моите деца беа мали и тоа го сметав како некаков долг кон мајчинството, но веќе ни во тоа не сум сосем сигурна, зашто повторно му се навратив на овој жанр по многу години. Во раната младост пишував поезија, така почнав, првите две објавени книги ми се поетски, но и по долгата прозна книжевна авантура од неколку децении, понекогаш помислувам на можноста повторно да напишам поетска збирка. Којзнае… Секоја книга освен што има свој „каирос“ (вистински миг) за читање, мислам дека има и свој „каирос“ за пишување.

Дали наградите за „Три Марии“ се поттик? Кога книжевната јавност може да очекува ваше ново дело? И во кој жанр?

Не знам дали наградите се поттик, но знам дека ќе продолжам да пишувам во свој веќе востановен ритам, како и досега. Да добиев олку награди за една книга кога бев многу помлада, не знам дали и како тоа ќе влијаеше на мене, но добивајќи ги сега, знам дека нема да променат којзнае што. Ми значат, сатисфакција се и признание за она што го работам, но не се магично стапче за да ме претворат во нешто што не сум. Следниот проект не е роман. Во втората половина на 2026 треба да излезе „Шеесет“, мојата т.н. „врсничка антологија“ на македонскиот расказ од 1965 до 2025. Освен што ги проследува развојот, достигнувањата и стилските нијанси на расказот, антологијата е збогатена и со мои авторски микронарации (куси раскази) за секоја година, кои се во корелација и со мене и со моето творештво, но и со самите избрани раскази и нивните автори. „Врсничката антологија“ е спој на критиката и на расказот, на двата жанра во кои пишувам долго и континуирано. Таа нема амбиција да биде канонска антологија, туку лична, љубовна, интимна антологија на расказот кому во метафорична смисла му ја „подарувам“ секоја година од својот живот.

Наташа Илиевска-Таневски; Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ