Деветтото издание на „Бич филм фестивал“ ќе се одржи од 22 до 26 јули, во Охрид, а публиката ќе може да проследи европски филмови на четири различни локации (плажите Славија и Сараиште, бродот „Армада“ и Младинскиот центар Охрид).

Фестивалот и годинава ќе понуди официјална селекција на долгометражни, краткометражни и на студентски филмови од повеќе европски земји, како и специјална селекција, детска програма и едукативни содржини.

Официјалното отворање е на 22 јули во 20:00 часот, на плажата Славија, со филмот „Being Maria“ во режија на Џесика Палуд. Филмот е за прославувањето на Марија Шнајдер по познатиот филм „Последното танго во Париз“ и за влијанието на оваа контроверзна продукција врз нејзиниот живот и нејзината кариера. Анамарија Вартоломеј ја толкува улогата на Марија Шнајдер, а Мет Дилон го игра Марлон Брандо од еротската драма од 1972 година, во режија на Бернардо Бертолучи.

„Being Maria“

Во рамките на „Бич филм фестивал“, специјална проекција ќе има остварувањето „The Instinct“ на Хуан Албарасин, што ќе се одржи на бродот „Армада“, на 25 јули во 21:30, што претставува кино на вода, со езерото наоколу.

Во програмата се вклучени и бројни краткометражни и студентски филмови, меѓу кои „Rituals“ на Филипо Мараско, „Dear Mother“ на Теодор Солин и „Shadows of the Moon“ на Тина Величковиќ.

Годинашното издание носи и специјална програма на современ турски филм, во која ќе бидат прикажани „One of Those Days When Hemme Dies“ на Мурат Фиратоглу и „As We Breathe“ на Сејхмус Алтун.

За наградите ќе одлучува меѓународно жири во состав: Ана Хут (Полска/Берлин), филмска експертка, професорка на филмската школа „Кшиштоф Кјешловски“ и експерт на програмата „Креативна Европа – Медиа“; Кеми Перес (Канарски Острови, Шпанија), режисер, продуцент и сценарист, автор на документарецот „Shirampari: Legacies of the River“, дел од официјалната селекција на „Санденс 2023“; Хана Грос (Канада), актерка и режисерка, позната по улогите во „The Adults“, „Falling“ и „The Mountain“, како и по серијата „Mindhunter“ и Срѓан Анѓелиќ (Србија), сценарист и режисер, автор на култните филмови „Муње!“, „До коске“ и „Муње опет!“.

Во едукативниот дел на фестивалот ќе се одржат три мастер-класи, отворени за млади автори, студенти и за филмски професионалци, кои ќе ги држат членовите на меѓународното жири. Од 22 до 25 јули ќе се реализира и работилница за средношколци и млади, посветена на играниот хорор-филм, под менторство на Ангела Грозданов и со поддршка на Гете Институтот – Скопје.

„Приказната за Силјан“

Фестивалот се затвора на 26 јули во 21:00 часот, на плажата Славија, со проекција на „Приказната за Силјан“, најновиот филм на македонската режисерка Тамара Котевска. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ