– Ако е Охрид срцето на македонскиот туризам, тогаш, несомнено, Трпејца е неговата душа. Ова место поседува ретка, речиси филмска убавина, каде што природата и традицијата се спојувале со векови. Но, она што ја прави Трпејца навистина особена не се само карпите и бистрата езерска вода туку и луѓето – кажа претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски, кој вчеравечер го прогласи за отворено јубилејното 15. издание на културно-забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца.

Весна Јованоска од Општина Охрид, пак, ја промовираше пред присутните монографијата „Петнаесет години на зајдисонце во Трпејца“, на членот на Здружението „За Трпејца со љубов“, Милчо Јованоски.

Тој за весникот ВЕЧЕР вели:

– Петнаесет години пред и петнаесет години потоа. Вака го мерам времето по манифестацијата „На зајдисонце во Трпејца“. Ја чувствувам многу блиску до срцето, бидејќи сум нејзин кум, како и кум на името на нашето Здружение „За Трпејца со љубов“. И сега, кога ја создавав оваа монографија, просто се изненадив колку сме постигнале, колку луѓе учествувале во нашата приказна, кој сè застанал на наша страна со присуство на сцената во Трпејца, најмногу од нив без хонорар, а други далеку, далеку од она што би го зеле на друго место. Сме ги вложиле нашите авторитети. Им благодарам во име на тимот. На сите им возвраќам со љубов.

Вечерта  беше заокружена  со настапот на охридскиот женски квартет „Хармоникс“.

Манифестацијата „На зајдисонце“ со текот на годините прерасна во препознатлив културен настан што ги обединува уметноста, традицијата и туристичката понуда на ова крајезерско место. Во рамките на осумдневната програма, организаторите најавуваат разновидни настани: театарски претстави, музички настапи, филмски проекции, спортски активности, книжевни вечери и содржини посветени на културното наследство.

По вечерашното гостување на Драмското студио „Цвет 75“ под уметничко раководство на Драгана Велкоска, за утре се најавува настапот на Влатче Броз и диџеј Марама. На 23 јули, на програмата се спортските активности. Во претпладневните часови ќе се одржат кајак-регатата „Номче Митрески“ и малиот пливачки маратон, а вечерниот дел од 19:30 часот ќе го одбележат атрактивната „Трка со куфери“ по скалилата во Трпејца и забавата со диџеј Багзи „Златните ’80 и ’90“. Следниот ден (петок) е резервиран за документарниот филм „300 години саат кула – чувар на времето во Охрид“ по сценарио и режија на Горан Момировски. Потоа е настапот на пејачката група и оркестар „Ѓердан од бисери“, под уметничко раководство на Татјана Узуноска-Тренеска.  Ден потоа ќе бидат прогласени најдобрите фотографии од конкурсот „Трпејца сликана со мобилен“, а ќе настапи и танц-групата „Езерски ѕвездички“, раководена од Татјана Стојческа. Ќе биде прикажан и документарецот „Охрид, Охрид убав мил“ во режија на Илија Пиперкоски.

На 26 јули, недела, во Трпејца ќе се одржи вечер посветена на НУ Библиотека „Григор Прличев“. Директорката Христина Трпеска ќе ја претстави установата пред публиката, ќе биде прикажано видеото  за најстарата книга во сопственост на Библиотеката – „Пчињското евангелие од крајот на XVI век“, како и документарецот „Роднокрајни автори 2026“, дела на м-р Милчо Јованоски. Претпоследниот дел од летото е резервиран за Вечер со писателката Вера М Самарјанин и нејзините пријатели и за настапот на Билјана Буџакоска-Трифуноска и Мила Тренеска, обединети во дуото „Блек мун“.

Честа да го затворат јубилејното „На зајдисонце“ ќе им припадне на актерката Марија Кондовска со изборот поезија „Стихови за водата, езерото, Охрид и Трпејца“, настапот на младата флејтистка Бојана Размоска од Пештани и на фотографот Никола Павлески, со кого заедно организаторите и публиката ќе се потсетат на петнаесетте изданија на летото. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ