Силното невреме што попладнево го погоди Скопје зад себе остави повредени граѓани, оштетени објекти и илјадници повици за помош. Според информациите од здравствените установи, вкупно 15 лица биле примени на лекување, додека Центарот за управување со кризи (ЦУК) регистрирал повеќе од 8.300 повици на бројот 112 за само четири часа.
На Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ биле згрижени девет пациенти. Директорот на клиниката, проф. д-р Игор Мерџаноски, изјави за МИА дека две лица се здобиле со потешки повреди. Една жена со повреда на главата е префрлена на Клиниката за неврохирургија, додека друга пациентка има скршеница на раката. Останатите повредени се со полесни повреди и се под лекарски надзор.
Во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ биле примени уште шест лица, кои се здобиле со посекотини и набиеници. Според директорот на болницата, д-р Небојша Настов, тројца пациенти по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување, додека тројца сè уште се на дополнителни испитувања.
– Сите се во стабилна состојба и засега не оддаваат впечаток дека ќе биде потребна хоспитализација. Еден пациент е повреден од паднато дрво, друг од лим што се откорнал од покрив, а трет од паднати керамиди – изјави Настов.
Иако во Градската општа болница „8 Септември“ не биле примени повредени од невремето, установата претрпела значителна материјална штета. Директорот д-р Синиша Стојаноски информираше дека најголеми оштетувања има на покривот и покривната конструкција, а точната проценка на штетите ќе биде направена по извршениот увид.
Од Центарот за управување со кризи соопштија дека од 17 до 21 часот на Единствениот број за итни случаи 112 биле примени повеќе од 8.300 повици. Поради огромниот број пријави, уште во првиот час биле активирани дополнителни операторски смени.
– Сите пријави континуирано се обработуваат и се проследуваат до надлежните институции и служби. Ги замолуваме граѓаните за трпение и разбирање. Материјалните штети ќе може да се пријавуваат и во текот на утрешниот ден – изјави директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Во меѓувреме, Управата за хидрометеоролошки работи предупреди дека нестабилната воздушна маса што се движи од Албанија и Косово кон земјава може да донесе нов бран врнежи. Според најавите, се очекува дождот да биде поинтензивен, но ветерот да биде послаб од оној што попладнево предизвика хаос низ Скопје. Ново невреме во главниот град е можно ноќва.












