„Во Кина бевме луѓе од различни земји и култури, но за многу кратко време сфативме дека имаме многу повеќе заедничко отколку што претпоставуваме некогаш. Културата создава простор за дијалог, а уметноста – емоционална врска. Тоа се мостови што може да траат многу подолго од еден семинар или од една официјална средба“, посочи во интервјуто за весникот ВЕЧЕР Александар Рашковиќ, костимограф, моден дизајнер, уметник и професор на Европски универзитет – Скопје, кој, по враќањето од семинарот од областа на културата, уметноста и туризмот организиран од Централната академија за менаџмент во културата, уметноста и туризмот од Пекинг, ги сподели своите искуства

 

Даниела ТРАЈКОВСКА

Како дојде до Вашето учество на меѓународниот семинар во Кина и што значеше за Вас можноста да ги претставувате Европски универзитет – Скопје и Македонија?

Моето учество на меѓународниот семинар во Народна Република Кина беше резултат на покана и можност што ја добив преку Амбасадата на НР Кина во Македонија, за што сум исклучително благодарен. За мене, тоа не беше само патување или учество на уште еден меѓународен настан туку и голема професионална чест и одговорност. Во Кина заминав како универзитетски професор, костимограф, моден дизајнер и уметник, претставувајќи го Европски универзитет – Скопје, но истовремено и Македонија. Кога сте илјадници километри далеку од дома и сте меѓу учесници од различни делови на светот, многу посилно ја чувствувате одговорноста за тоа како ги претставувате својата земја, нејзините култура, образование и уметност. За мене, беше особено важно Македонија да биде видлива и препознаена како земја со богато културно наследство, но и со современи автори, професори и уметници што имаат што да покажат и што да понудат во меѓународната културна размена. Инаку, семинарот беше организиран од Централната академија за менаџмент во културата, уметноста и туризмот од Пекинг, а спонзориран од Владата на Народна република Кина, Министерството за трговија.

Како изгледаше програмата на семинарот и кои предавања, посети на музеи, академии и културни институции во Пекинг и во Ченгду Ви оставија најсилен впечаток?

Програмата беше исклучително динамична и интензивна. Таа не се состоеше само од класични предавања туку беше осмислена и како непосредно запознавање со кинеските култура, уметност, културното наследство, туризмот и начинот на кој ги поврзува Кина традицијата и современиот развој. Имавме можност да посетиме значајни културно-историски локалитети, музеи, институции и простори посветени на уметноста и на културата, како и да се запознаеме со различни модели на културниот и на туристичкиот развој. Пекинг ми остави силен впечаток токму поради неверојатниот дијалог меѓу историјата и современоста. Посетите на Летната палата, Храмот на небото и, секако, Кинескиот ѕид се искуства што тешко может да се опишат само со зборови. Во Ченгду, пак, видовме еден поинаков аспект на Кина. Посетата на Бамбу вилиџ, Лакс лејк сити, индустриските и современите развојни зони, како и просторите во кои културата, уметноста, архитектурата и туризмот функционираат заедно, ми отворија дополнителна перспектива.

Како уметник и дизајнер, особено ме импресионира начинот на кој традиционалната кинеска естетика не се чува само како нешто што му припаѓа на минатото туку и постојано се трансформира и добива современ живот.

На завршниот настан Ви беше доверено да одржите говор во име на сите учесници. За што говоревте и зошто сметате дека се културата и уметноста важен мост меѓу различните народи и култури?

Тоа, за мене, беше една голема чест во текот на целиот престој. На завршната церемонија ми беше дадена привилегијата да се обратам во име на сите учесници од различни земји пред претставниците на Академијата, гостите и медиумите. Во говорот зборував за она во што длабоко верувам: дека уметноста е јазик на кој не му е потребен превод. Боите, формата, музиката, костимот, танцот, архитектурата – тие може да комуницираат со човекот без разлика на неговите јазик, вера, националност или географска оддалеченост. Како костимограф и моден дизајнер, за мене, ткаенината може да носи меморија, бојата може да раскажува приказна, а костимот може повторно да оживее едно време, еден народ и една култура. Токму затоа сметам дека уметноста има огромна моќ да ги поврзува луѓето. Во Кина бевме луѓе од различни земји и култури, но за многу кратко време сфативме дека имаме многу повеќе заедничко отколку што претпоставуваме некогаш. Културата создава простор за дијалог, а уметноста – емоционална врска. Тоа се мостови што може да траат многу подолго од еден семинар или од една официјална средба.

Како го збогати ова меѓународно искуство Вашето лично и професионално гледиште за културата, уметноста и туризмот?

Една од најголемите вредности на семинарот беа токму луѓето. Кога ќе се сретнат на едно место учесници од различни делови на светот, секој со своја култура, професија, искуство и поглед кон светот, тогаш учењето не завршува со последното предавање во денот. Тоа продолжува на заедничките ручеци, патувањата, разговорите, посетите, па дури и во најобичните секојдневни моменти. Од тие средби научив дека културните разлики не мора да нè оддалечуваат. Напротив, тие може да бидат огромен извор на инспирација.

Како професор, ова искуство неизбежно ќе го пренесам и во работата со студентите. Сметам дека младите дизајнери и уметници денес мора да размислуваат интернационално, но истовремено да знаат кои се и од каде доаѓаат. Не можеме да бидеме интересни за светот ако само го копираме светот. Треба да му понудиме нешто свое.

Кина има богато културно наследство, но и силно развиен современ културен и туристички сектор. Што Ве импресионираше најмногу и што би можело да се примени или развива и кај нас, во Македонија?

Најмногу ме импресионира начинот на кој успева Кина да ги поврзе минатото и иднината. Таму традицијата не ѝ е спротивставена на модернизацијата. Напротив, многу често токму традицијата станува основа врз која се создава современ културен или туристички производ. Мислам дека токму тука Македонија има огромен потенцијал. Ние сме мала земја, но располагаме со исклучително богато археолошко, етнолошко, архитектонско и уметничко наследство. Имаме традиционални носии, занаети, музика, фолклор, архитектура и локални приказни што може да бидат инспирација за современ дизајн, мода, сценски уметности, визуелна култура и културен туризам. Она што можеме да го научиме од Кина е дека не треба само да се чува културното наследство – треба да се интерпретира, презентира и повторно да се оживува. Не е доволно посетителот само да види еден предмет во музеј. Треба да му ја раскажеме приказната зад него и да создадеме доживување што ќе го памети.

По враќањето во Македонија, какви можности за идна соработка гледате меѓу македонските и кинеските универзитети, културни институции и организации и дали произлегоа конкретни контакти или иницијативи од ова учество?

За мене, семинарот не заврши со враќањето во Македонија. Напротив, сметам дека вистинската вредност на едно вакво меѓународно искуство започнува токму потоа – со контактите, идеите и можностите што остануваат. Во текот на престојот воспоставивме контакти и пријателства со учесници од повеќе земји, како и со нашите домаќини во Кина. Разговаравме за можностите за идни проекти, културна размена и за различни форми на професионална соработка. Особено би сакал во иднина да се развиваат врски меѓу македонските и кинеските универзитети и културни институции преку размена на професори и на студенти, заеднички изложби, работилници, проекти од областа на дизајнот и уметноста и гостувања на автори од двете земји. На завршната церемонија, на Академијата ѝ подарив седум мои оригинални акварели, создадени како моја уметничка реакција на искуството во Кина. За мене, тоа беше симболичен начин еден дел од Македонија и од моето лично творештво да остане таму и по нашето заминување. Верувам дека ваквите средби не треба да останат само убав спомен или фотографија од едно патување. Тие треба да бидат почеток на нешто ново. Би бил особено среќен доколку дел од луѓето што ги запознавме таму ги пречекаме еден ден и во Македонија за и ние да им покажеме дел од нашите култура, традиција и современо творештво. На крајот, можеби токму тоа е најголемата вредност што ја донесов од Кина: сознанието дека географски можеме да бидеме многу далеку едни од други, но преку културата и уметноста растојанијата стануваат многу помали.

 

ИЗДВОЕНИ