Претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, упати остри критики кон првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, оценувајќи дека тој „ја уништува фудбалската индустрија“ и дека е време да се повлече од функцијата.
Тебас повторно го нападна раководството на светската куќа на фудбалот поради сè поголемиот број меѓународни натпреварувања и идејата Светското првенство во 2030 година да биде проширено од 48 на дури 64 репрезентации.
- Зголемувањето на бројот на репрезентации нема никаква смисла. Фудбалската индустрија не е само Светското првенство. Тоа е најголемиот турнир, но не може сè да се врти околу него, изјави Тебас за „Газета дело спорт“.
Шпанецот смета дека времето на Инфантино е завршено и дека ФИФА функционира во затворен систем во кој нема вистинска демократија.
- Да, мислам дека неговото време е истечено. Но, тој ја има поддршката од системот и федерациите. Никој не сака да се кандидира против него само за да загуби. Тоа е систем скапан до срцевината, порача Тебас.
Тој откри дека многу луѓе приватно се против актуелното раководство на ФИФА, но никој не се осмелува јавно да се спротивстави.
- Не знам што е полошо – молчењето или соучесништвото. Оние што молчат, многу добро знаат каква штета му се нанесува на фудбалот, додаде првиот човек на Ла Лига.
Во центарот на критиките е и предлогот на КОНМЕБОЛ, Светското првенство во 2030 година да се игра со 64 селекции. Турнирот веќе ќе биде историски бидејќи ќе се организира во шест земји на три континенти.
Според Тебас, ваквите одлуки ги загрозуваат домашните лиги, кои се темелот на светскиот фудбал.
- Националните првенства го одржуваат спортот во живот. Тие создаваат десетици илјади работни места, а ФИФА ги жртвува за турнир што трае само 40 дена и во кој учествува мал број играчи, нагласи тој.
Тебас жестоко ги нападна и новитетите воведени на неодамна завршеното Светско првенство – задолжителните паузи за хидратација и продолженото полувреме од 27 минути во финалето меѓу Шпанија и Аргентина. Иако ФИФА ги оправда паузите со високите температури во САД, Канада и Мексико, Тебас смета дека тие биле непотребни.
- ФИФА прави што сака и работи исклучиво во свои интереси, а не во интерес на фудбалот. Паузите за хидратација се лага. Во Шпанија ги имаме само кога е навистина екстремно жешко. Во Далас, Лос Анџелес и Атланта стадионите имаа климатизација. Тоа беше само реклама, изјави Тебас.
И покрај критиките, Џани Инфантино веќе најави дека ќе се кандидира за четврти претседателски мандат. Изборите за новиот мандат, кој ќе трае од 2027 до 2031 година, ќе се одржат на 18 март во Мароко.











