недела, август 16, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Имаме евтино жито, а скап леб – пченицата падна од 20 на...

Имаме евтино жито, а скап леб – пченицата падна од 20 на 10, а лебот се качи од 25 на 35 денари

Производителите велат дека откупната цена од 9,5 до 10 денари за килограм не ги покрива производните трошоци. Бараат државата, преку Интервентниот фонд, да исплати дополнителни 5 денари од килограм, итно да ги исплати заостанатите субвенции и да го ограничи увозот на пченица и на брашно од Србија. Реагираат дека денес пченицата се откупува двојно поевтино отколку пред неколку години, иако трошоците за производство значително пораснале. Посочуваат дека кога се откупуваше килограм пченица за 20 денари, лебот чинеше 25 денари, а сега, со цена на пченицата од околу 10 денари, лебот достигнува 35 денари

68

Пелагониските земјоделци, производители на жито, се незадоволни од откупната цена на пченицата, која годинава се движи меѓу 9,5 и 10 денари за килограм. Тие бараат државата, преку Интервентниот фонд, да исплати дополнителни 5 денари од килограм, оценувајќи дека актуелната цена не ги покрива производствените трошоци. Тие бараат и итна исплата на субвенциите за реколтата 2024 година – за предадена пченица, по површина и за семенски материјал, како и субвенциите за остварен принос. Бараат и корекција на Програмата за субвенционирање за 2026 година и ограничување на увозот на пченица и на брашно од Србија.

Мемет Синани, производител на пченица и член на Управниот одбор на Националната федерација на фармери, вели за ВЕЧЕР дека актуелната откупна цена на пченицата е економски неоправдана, особено ако се земат предвид зголемените трошоци за производство.

– Нема никаква логика откупната цена на пченицата пред пет до седум години да биде повисока од сегашната. Во меѓувреме, значително поскапеа сите трошоци за производство: хербицидите, пестицидите, ѓубривата, нафтата и другите репроматеријали. Во време на короната, кога откупната цена на пченицата беше 20 денари за килограм, лебот чинеше 25 денари. Сега, кога се откупува пченицата за 10 денари, лебот достигнува цена од 35 денари – вели Синани за весникот ВЕЧЕР.

Тој посочува дека разликата меѓу цената на суровината и крајниот производ отвора сериозно прашање за распределбата на заработката во целиот синџир – од производителот, преку откупувачите и мелниците, до пекарниците.

– Од еден килограм брашно, кое во мелниците чини околу 20 денари, се прават три леба. Ако еден леб се продава по 35 денари, тогаш три леба чинат 105 денари. Нема никаква логика во ова. Прашањето е кој се богати на грбот на земјоделците, а кој ги плаќа последиците од ниската откупна цена – вели Синани.

Според земјоделците, проблемот не е само во ниската цена на пченицата туку и во доцнењето на државната поддршка. Тие веќе една година чекаат на исплата на средствата за произведената и предадена пченица, а дополнително доцнат и субвенциите за 2025 година.

Производителите велат дека вложиле значителни средства во производството, без притоа да остварат реална заработка. Само за семенски материјал, според нивните пресметки, вложувањата достигнуваат околу 800 евра, а кога ќе се додадат ѓубривата, заштитните средства, горивото, обработката на земјиштето и жетвата, вкупните трошоци се уште поголеми.

Тие предупредуваат дека со откупна цена од околу 9,5 до 10 денари за килограм тешко може да ги покријат вложувањата, а уште помалку да обезбедат средства за следната производствена сезона.

Националната земјоделска мрежа реагира за ниската откупна цена на пченицата и бара поголема контрола на увозот и на квалитетот на житото што се пласира на македонскиот пазар.

Од Мрежата потсетуваат дека за стратешките земјоделски култури со закон е предвидена заштитна цена, која се пресметува врз основа на производствената цена, зголемена за 25 проценти. Според нив, проблем е што Министерството за земјоделство сè уште нема утврдено производствена цена за пченицата и за јачменот од реколтата 2025 година.

– Нашата пченица се откупува за ситни пари, а ние јадеме брашно од увозна пченица. Србија ни го дава старото жито што со години стои по силосите и, според информациите со кои располагаме, може да има проблем и со зголемено присуство на афлатоксини. Освен тоа, постојат сомнежи дека дел од украинската пченица се препакува во Србија и потоа, како српска, се извезува кај нас. Нема доволно контрола, нема ефикасни инспекции, а трговците гледаат само на профитот. Народот не знае што јаде – изјави за ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Од Мрежата бараат институциите да ги засилат контролите на увозот и потеклото на пченицата, но и редовно да се проверуваат нејзините квалитет и безбедност пред да стигне до потрошувачите.

Земјоделците велат дека реакциите на институциите доаѓаат предоцна, бидејќи најголем дел од родот веќе е предаден по ниски цени. Тие стравуваат дека, и покрај евтината пченица, цената на лебот и понатаму ќе расте.

Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, неодамна изјави дека цената на пченицата е берзанска и зависи од регионалниот пазар. Тој најави анализа на приносите и на количините, како и разговори со откупувачите и со земјоделците за идно навремено дефинирање на откупната цена.

Со ребалансот на буџетот се најавени околу 1,2 милијарди денари за субвенции, во кои се опфатени и житните култури.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ