Европската Унија сè поинтензивно работи на развој на сопствена платежна инфраструктура и на намалување на зависноста од странски платежни системи. Во центарот на овие напори е дигиталното евро, кое треба да ги надополнува готовината и постојните банкарски услуги, а не да ги замени.
Во моментов се води завршната фаза од разговорите меѓу Европскиот парламент и земјите членки за начинот на функционирање на дигиталното евро. Планирано е пилот-проектот да почне во 2027 година, со учество на 36 даватели на платежни услуги, додека дигиталното евро би можело да стане достапно за плаќања на мало од 2029 година.
Паралелно со јавниот проект, и приватниот сектор работи на создавање поголема европска платежна мрежа. Европскиот платежен сојуз EuroPA и Европската платежна иницијатива EPI потпишаа договор за поврзување на нивните системи за инстант плаќање.
Со тоа се создава платформа што потенцијално би можела да опфати околу 380 милиони корисници во 15 земји членки на ЕУ. EuroPA обединува повеќе национални платежни системи, меѓу кои шпанско-андорскиот „Бизум“, италијанскиот „Банкомат“, полскиот „Блик“ и нордискиот „Випс мобиле пеј“. EPI, пак, го развива платежниот бренд „Веро“, кој е присутен во земји како Германија, Белгија, Франција, Холандија и Луксембург.
Целта е Европа постепено да изгради посилна и поинтегрирана платежна инфраструктура, со поголема европска автономија и со поширока употреба на инстант и на дигиталното плаќање. Дигиталното евро, според актуелните планови, се очекува да биде достапно за плаќања на мало од 2029 година.












