петок, јули 31, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИЛИНДЕНСКО ПОСЛАНИЕ НА АРХИЕПИСКОПОТ Г.Г. СТЕФАН: Се наоѓаме на историски крстопат

ИЛИНДЕНСКО ПОСЛАНИЕ НА АРХИЕПИСКОПОТ Г.Г. СТЕФАН: Се наоѓаме на историски крстопат

0

И ние, наследниците на славните илинденци, се наоѓаме на историски крстопат, соочени со нови бури и премрежија. Затоа и нашето поколение треба да го продолжи илинденскиот подвиг и да го чува она коешто е стекнато со многу страдања и жртви, порача во своето Илинденско послание архиепокоп охридски и македонски г.г. Стефан. Во посланието, во име на останати македонски владици, монаси, монахињи и свештеници тој го честити големиот празник на сите граѓани на Македонија.

-Како македонски народ, Илинден нѐ повикува на покајание и на враќање кон светите вредности – кон: верата, правдата, честа и достоинството. Но, само доколку сме чесни, верни и воцрковени, ако се обединиме и се помириме како народ, ќе се одбраниме и ќе постоиме, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот – нагласи Поглаварот на МПЦ-ОА.

Тој нагласи дека денес, со трепет и со духовна радост, го прославуваме Илинден – големиот настан од нашата народна и црковна историја, денот кога го чествуваме споменот на светиот и славен пророк Илија, но и кога се сеќаваме на родољубивата и храбра борба на нашите предци за слобода, правда и чест.

-Денешното празнување е длабоко врежано во спомените на нашиот слободољубив народ. Зашто Илинден не е само празнично одбележување, туку е и сеќавање коешто преобразува, коешто нѐ потсетува на богоугодните дела на светиот пророк Илија, но и на славните илинденци, и коешто нѐ повикува нивните вера и верба да останат да бидат наш пример и патоказ. Светото Писмо ни го посведочува пророкот Илија како исповедник на вечно живиот Бог многу векови пред Христа. Одликувајќи се со исклучителна вера и честитост, тој истапил против постапките на тогашните цар и царица кои отпаднале од вистинскиот Бог – наведува во обраќањето архиепископот г.г. Стефан.

Тој додава дека пророкот Илија го прославуваме како боговидец и ревнител за Божјото слово, како изобличител на беззаконите цареви и на лажните пророци. Таков бил свети Илија: чувар на Божјиот завет, постојан сведок Божји и будител на заспаната совест. Затоа, од нашиот народ неговиот празник бил избран за ден кога македонскиот народ се кренал на востание.

-И денес, во времиња кога се поткопуваат моралните вредности низ светот и кога мнозина наметнуваат лажни верувања – светиот Илија нека ни биде пример за следба. Неговиот живот е сличен на историјата на македонскиот народ, која е исполнета со страдања, но и со надеж; со порази, но и со воскреснувања. Храбрите илинденски јунаци не се плашеле од оние кои можеле  да го убијат телото, па храбро се кренале против петвековниот поробувач. Имајќи вера во Бога, тие биле подготвени на жртва за идните поколенија да живеат слободно. И токму на Илинден ја започнале борбата за слобода – борбата да бидат свои на своето и достоинствени пред историјата. Инаку, троен е Илинден во македонската историја: првиот, од 1903 година, кога македонскиот народ се кренал на востание. Вториот, асномскиот Илинден, од 1944 година, го потврди правото на сопствена држава. Третиот, пак, од 1991 година, донесе независност и, иако само на дел од македонската земја, конечно дочекавме слободна и независна држава – потенцира г.г. Стефан.

Се додава дека сите три Илиндена не се само датуми, туку се сведоштво дека Македонија постоела и постои, и дека живее во срцата на своите чеда, а нашата слобода е плод на духовната зрелост и жртвата на нашите предци.

-Но слободата не е нешто што ни е дадено еднаш и засекогаш, туку е подвиг којшто треба да се чува. Затоа, да се трудиме постојано да стоиме во слободата, со која Христос нѐ ослободи, и да не се подаваме повторно под ропски јарем. Како македонски народ, Илинден нѐ повикува на покајание и на враќање кон светите вредности – кон: верата, правдата, честа и достоинството. Но, само доколку сме чесни, верни и воцрковени, ако се обединиме и се помириме како народ, ќе се одбраниме и ќе постоиме, трудејќи се да го запазиме единството на Духот преку врските на мирот – се наведува во Посланието.

Тој потсети дека во времињата кога сме немале своја држава, Црквата била таа којашто нѐ чувала во сите овоземни бури.

-Во неа не се чувала само верата, туку и просветата и писменоста, културата и националната свест. Таа била народен дом во кој се чувала свеста за достоинството на македонскиот човек. И денес нашата Црква е жива и бодра Мајка, која постојано нѐ потсетува дека без верата во Христа нема ниту спасение, ниту национално опстојување. Затоа, како библиски народ, секогаш да се трудиме да останеме чеда Божји, исполнети со богољубие, родољубие и човекољубие. Да бидеме народ кој го памети и го живее славниот Илинден. Да ги негуваме илинденските идеали, зашто само така ќе ги сочуваме како наследство и аманет за идните македонски поколенија, каде и да живееме како народ. По примерот на свети Илија да бидеме бодри и ревносно да си ја чуваме прадедовската вера, па чувајќи си ја верата, да си ги запазиме и Црквата, и Татковината и националната посебност. Во овие празнични мигови, да се помолиме семилостивот Бог да ги всели во рајската населба душите на сите кои се жртвувале за слободата на Македонија! Ним нека им е вечен споменот, а нас, нивните наследници, Бог нека нѐ чува и нека нѐ благослови! Амин!  Честит и вечен Илинден! – нагласи Поглаварот на МПЦ-ОА. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ