Пред да заминете на патување треба да се информирате за здравствената состојба, присутните заразни болести и потенцијалните здравствени ризици во земјата или регионот каде патувате, најмалку еден месец претходно треба да проверите дали се препорачува вакцинација или превентивна терапија (на пример, вакцинација против жолта треска или профилактична терапија за маларија), да се осигурате дека вие и членовите на вашето семејство, особено децата, ги имате примено сите рутински вакцини, а доколку ви се потребни дополнителни информации, консултирајте се со матичниот лекар или со надлежниот Центар за јавно здравје.
„Летниот период носи зголемен ризик од заболувања поради високите температури, инфекции кои се пренесуваат преку инсекти, како и повреди поврзани со активности во вода“, се наведува во препораките на ИЈЗ.
Институтот препорачува граѓаните да се информираат за присутните заразни болести во земјата каде патуваат, задолжително да понесат лекови, средства за прва помош, средства кои ги одбиваат комарците, како и да користат само уредни и означени капалишта каде квалитетот на водата е согласно здравствените стандарди.
„По враќање од патувањето, доколку во рок од три недели добиете покачена температура или други симптоми задолжително јавете се на лекар и информирајте го каде и кога сте патувале“, се додава во препораките.











