недела, ноември 22, 2026
Дома БАЛКАН Ердоган ги презема последните независни телевизии, новинарите зад решетки, на ред е...

Ердоган ги презема последните независни телевизии, новинарите зад решетки, на ред е Интернетот: Пред изборите во 2028 година, Турција тоне во медиумски мрак

1
EPA/VYACHESLAV PROKOFYEV / SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го засилува притисокот врз независните медиуми и политичките противници пред изборите што се очекуваат во 2028 година. Полицијата упаѓа во редакции, апси телевизиски директори, а медиумските куќи што ја критикуваат владата се ставаат под раководство на државни комесари. Според порталот „ЕУ обсервер“ и Балканската истражувачка мрежа (БИРН), како што пренесува Нова.рс, најновиот бран притисок би можел да означи речиси целосно исчезнување на независното телевизиско новинарство во Турција.

Последна во низата беше опозициската Созчу ТВ, во која минатата недела полицијата изврши претрес по судска наредба, по што нејзиното раководство беше заменето со државен комесар. БИРН известува дека полицијата го опколила седиштето на една од најгледаните независни новински станици во земјата в зори, и привела четири директори, вклучувајќи го и претседателот на компанијата. Созчу ТВ со тоа стана шестата голема медиумска компанија што падна под државна контрола од 2022 година, според БИРН. Оваа полициска акција е продолжение на долгогодишниот притисок врз медиумите што го критикуваат Ердоган. Созчу ТВ веќе беше казнета за известување за протестите по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, еден од најистакнатите опозициски политичари. Во јули 2025 година, регулаторот за електронски медиуми ѝ забрани да ја емитува програмата десет дена.

Во октомври оваа година, Халк ТВ беше ставена под администрација на државниот комесар, додека претходно истата судбина ја снајде и ТЕЛЕ1, чиј сопственик Мердан Џанардаг заврши  затвор под обвинение за шпионажа. Според турскиот новинар и борец за слобода на медиумите, Мустафа Кулели, кој ја анализира ситуацијата за БИРН, со затворањето на овие телевизии, опозицијата ја губи можноста да допре до милиони граѓани преку традиционалните медиуми. По преземањето на големите телевизиски станици, турските новинари стравуваат дека владата може да ја зголеми својата контрола врз интернетот, кој стана едно од последните места за независни информации. Како што предупредува Кулели во својата анализа за БИРН, веќе постојат законски механизми за вакви потези.

ИЗДВОЕНИ