Иако според календарот е пролет, во Босна и Херцеговина временските услови се како јануарски, зимски денови.
Во некои делови од земјата, снегот континуирано паѓа веќе трет ден, а според временските прогнози, ќе продолжи да паѓа и во наредните денови, во текот на целата претстојна недела во повисоките планински подрачја.
На сараевската олимписка планина Бјелашница, според податоците од Федералниот хидрометеоролошки институт, утрово се измерени дури 239 сантиметри снег! Вистинската снежна идила на планините најмногу им се допадна на љубителите на скијање во Босна и Херцеговина, кои се надеваат дека тековната сезона би можела да трае до 1 мај, или дури и подолго…
Сепак, покрај планините, снегот значително ги забеле и градовите, што е невообичаено за крајот на март. Мерните станици регистрираа 57 сантиметри во Хан Пјесак. Утрово, во Тузла се измерени 45 сантиметри снег, во Сараево 21.
На превојот Чемерно има 30 сантиметри снег, 20 во Мркоњиќ Град, 18 во Соколац…
Во текот на денот, во БиХ се очекува облачно време со снег и лапавица, додека во пониските региони ќе врне повремен дожд. Во Херцеговина, врнежите ќе бидат помалку интензивни и главно присутни на север и исток, додека делумно разведрување се очекува во јужните региони.












