Македонија, Грција и Албанија, трите држави што го делат Преспанското Езеро, со поддршка од Европската Унија влегуваат во заедничка иницијатива за негово впишување на листата на светско наследство на УНЕСКО.

Следниот петок, грчката општина Преспа, ќе биде домаќин на средба на министрите за култура на трите земји, Седат Сулејмани, Лина Мендони, Бленди Гонџа, како и на амбасадорот на ЕУ во Скопје Михалис Рокас, со цел да се  испланираат следните чекори.

Според Рокас, ЕУ одлучи, освен политичката поддршка, да ги финансира и првите соодветни студии. Исто така, ја истакна важноста, со геополитички димензии, на заедничкиот напор на трите соседни земји да го заштитат и да го афирмираат природното и културното богатство подарено од природата, а кое ги зближува.

Од друга страна, градоначалникот на Општина Преспа, Јоргос Стергиу, посочил дека односите со соседите се одлични. Тој за грчкиот весник „Катимерини“ посочил дека со години соработуваат на заштитата на езерото и реализираат заеднички програми, а со нетрпение се очекува да биде отворени граничниот премин што е во изградба, а кој ќе нè поврзе поблиску со туристичкиот центар Охрид, рекол Стергиу.

Министерот за култура на Албанија, според „Катимерини“, за новинската агенција АТА посочил дека значењето на иницијативата е многу пошироко од самата кандидатура за УНЕСКО, бидејќи тоа би донело поголемо меѓународно внимание кон Преспа, повеќе можности за заштита и промоција на културното наследство, одржлив развој, поквалитетен туризам и нови перспективи за локалните заедници.

Инаку, барањето од грчка страна официјално било поднесено на 16 јануари 2014 година, кога езерото било ставена на таканаречената „индикативна листа“, што претставува почетна фаза пред поднесувањето на целосната кандидатура.

Сега, на иницијатива на министерката за култура на Грција Лина Мендони, „прашањето е надградено на агендата и на Министерството и на грчката Влада, со предлог кандидатурата да се промовира заеднички со Албанија и Македонија“.

ИЗДВОЕНИ