Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека неговата влада ќе продолжи со изградбата на луксузен ресорт што го гради зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и покрај масовните протести поради заканата за заштитеното подрачје, објави денеска Ројтерс.
Илјадници граѓани излегоа на улиците на Тирана и јужниот брег на Албанија за да побараат запирање на проектот, кој ќе ја уништи заштитената област Вјоса-Нарта, дом на фламинга, фоки и места за гнездење на морски желки. Фламингото стана симбол на протестите, а демонстрантите носеа надуени розови фламинга и транспаренти на кои пишуваше „Фламинго реолуција“.
Рама во интервју за Ројтерс изјави дека проектот ќе биде „прекрасен“ и дека делови од одморалиштето ќе бидат отворени за јавноста пред крајот на деценијата.
„Тоа ќе биде прекрасен проект и ќе бидеме горди што ќе придонесеме за Европа. Бев избран да ги спроведам овие работи, а не да ме водат луѓе кои имаат поинаква визија за развојот на земјата“, рече Рама.
Проектот вреден 1,4 милијарди евра се наоѓа во близина на заштитеното подрачје Вјоса-Нарта, додека друг е планиран на островот Сазан. Вкупната вредност на двата проекта се проценува на до пет милијарди евра.
Демонстрациите започнаа кон крајот на мај, а демонстрантите го обвинија Рама дека не успеал да ја искорени корупцијата или да ги подобри основните услуги за граѓаните во неговите 13 години на власт.
Рама призна дека поставувањето бодликава жица на локацијата е „срамна идеја“, но ги намали еколошките загрижености, велејќи дека паралелно со работите ќе се спроведе и проценка на влијанието врз животната средина.












