сабота, јуни 13, 2026
Дома БАЛКАН Додека „фламинго револуцијата“ ја тресе Албанија, Рама го обвинува Иран за хибридна...

Додека „фламинго револуцијата“ ја тресе Албанија, Рама го обвинува Иран за хибридна војна и објави сатирично видео креирано со ВИ во мини здолниште

93
screenshot Instagram

Албанскиот премиер Еди Рама се најде во центарот на невидена политичка криза. Додека масовните протести се шират низ Албанија и во западните градови поради контроверзниот туристички проект вреден 1,4 милијарди долари, Рама го обвини Иран за немирите. Протестите, кои траат десетина дена, се наречени „фламинго револуција“ поради живеалиштето на птиците на локацијата планирана за изградба.

Рама потврди за „Ројтерс“ дека неговата влада ќе продолжи со реализацијата на проектот за луксузниот ресорт, што ќе го гради зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и покрај масовните протести поради заканата за заштитеното подрачје.

Рама, во интервју за „Ројтерс“, изјави дека проектот ќе биде „прекрасен“ и дека делови од одморалиштето ќе бидат отворени за јавноста пред крајот на деценијата.

„Тоа ќе биде прекрасен проект и ќе бидеме горди што ќе придонесеме за Европа. Бев избран да ги спроведам овие работи, а не да ме водат луѓе кои имаат поинаква визија за развојот на земјата“, рече Рама.

Сè започна кон крајот на април кога беше ограден дел од брегот во Звернец, во близина на Валона, кој, заедно со островот Сазан, треба да стане луксузен ресорт. Проектот го финансира „Афинити партнерс“, инвестициската фирма на Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.

Наместо да ги смирува тензиите со демонстрантите кои секоја вечер го блокираат главниот булевар во Тирана барајќи негова оставка, Еди Рама во интервју за „Политико“ изјави дека Иран е вмешан во „хибридна војна“ и ширење дезинформации за проектот на компанијата на Кушнер.

Во жесток јавен говор, Рама директно му се обрати на Техеран, потсетувајќи на претходните сајбер напади врз Албанија.

„Дали одеднаш ви е грижа за албанскиот народ? Истите луѓе чии институции и дигитална инфраструктура се обидовте да ги осакатите со сајбер тероризам? Не можете да ѝ простите на Албанија за она што го прават Албанците: ги отвораат вратите за луѓето што бегаат од прогон“, рече Рама, алудирајќи на иранските дисиденти на кои им беше дадено засолниште во Тирана.

Албанскиот премиер ги нарече иранските власти „средновековна теократија“, велејќи им дека историјата нема милост кон оние што водат војна против слободата на сопствениот народ.

„Можете да хакирате мрежи, да ги затворате критичарите и да им се заканувате на вашите соседи, но не можете да избегате од реалноста. Албанија никогаш нема да се повлече и никогаш нема да биде заплашена“, додаде Рама.

Одговорот од Техеран дојде брзо. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјавата на Рама ја нарече целосна бесмислица.

„Наместо да одговорат на легитимните и логични барања на сопствениот народ, албанските власти претпочитаат да се обидат да го затворат прашањето со такви смешни обвинувања против Иран. Албанците се премногу паметни за да веруваат во такви тврдења“, рече Багеи.

Потоа цинично се осврна на самото име на протестот, „фламинго револуција“.

„Веројатно наскоро ќе кажат дека овие фламинга се, всушност, ирански тајни агенти“, се пошегува Багеи, додавајќи дека Рама веројатно само се обидува да освои поени кај Израел со такви обвинувања.

Додека демонстрантите продолжуваат да бараат итно откажување на проектот и укинување на контроверзните закони, Рама се чини дека е целосно незаинтересиран, дури и провокативен.

Во средината на најголемите протести во земјата, премиерот сподели неколку од своите „омилени“ транспаренти од протестите на своите социјални медиуми, а потоа ја шокираше јавноста објавувајќи видео генерирано од вештачка интелигенција. Видеото го прикажува Рама во коженo мини здолниште и маица, играјќи улога на инфлуенсер кој известува директно од протестите.

„Кој и да го направил ова, секоја чест за него“, напиша Рама во описот на видеото, придружено со емотикони кои „плачат од смеа“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Albanian AI (@albanian_ai_)

ИЗДВОЕНИ