петок, ноември 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА И европска и регионална потврда за МЈА: Европската комисија нотира напредок, регионот...

И европска и регионална потврда за МЈА: Европската комисија нотира напредок, регионот ги награди реформите во администрацијата

2
Наградената ИТ-алатка овозможува поврзување на институциите, централизирано следење на реформските активности и навремен увид во степенот на реализација на преземените обврски. Преку неа се опфатени околу 40 институции и речиси 200 реформски активности, со можност за следење во реално време, подобра координација и поефикасно известување за напредокот. Нејзината применливост веќе ги надминува рамките на Министерството за јавна администрација. Министерството за дигитална трансформација и Управата за јавни приходи, врз основа на склучени меморандуми за соработка, ја презедоа алатката и се во фаза на нејзина адаптација за следење на сопствените стратешки документи и акциски планови

 

Реформите во македонската јавна администрација, по европската, добија и регионална потврда, откако во извештајот на Европската комисија беше нотиран одреден напредок во оваа област, особено во зајакнувањето на институционалните капацитети, дигитализацијата и унапредувањето на системот за управување со реформските процеси. Во меѓувреме, Министерството за јавна администрација доби специјално регионално признание во Белград, за дигиталната платформа „PAR Connect“, наменета за следење на спроведувањето на реформите. Признанието беше доделено во рамките на „Паблик администрејшн авордс 2026“, во организација на регионалното училиште за јавна администрација ReSPA и ОЕЦД-СИГМА, со што уште еднаш се афирмираат македонските институционални практики и напорите за модернизација на јавниот сектор.

Ова високо признание доаѓа по извештајот на Европската комисија во кој се нотира дека земјава бележи одреден напредок во реформата на јавната администрација, вклучително и преку проширување на електронските услуги и надградба на системот за електронско управување со документи. Истовремено е препознаено и зајакнувањето на капацитетите на Министерството за јавна администрација за координација и следење на управувањето со човечките ресурси. Во овој контекст, регионалното признание за „PAR Connect“ претставува конкретно препознавање на еден од инструментите со кои се настојува реформските процеси да станат померливи, потранспарентни и поефикасни.

Наградената ИТ-алатка овозможува поврзување на институциите, централизирано следење на реформските активности и навремен увид во степенот на реализација на преземените обврски. Преку неа се опфатени околу 40 институции и речиси 200 реформски активности, со можност за следење во реално време, подобра координација и поефикасно известување за напредокот.

Нејзината применливост веќе ги надминува рамките на Министерството за јавна администрација. Министерството за дигитална трансформација и Управата за јавни приходи, врз основа на склучени меморандуми за соработка, ја презедоа алатката и се во фаза на нејзина адаптација за следење на сопствените стратешки документи и акциски планови.

Годинашниве награди за јавна администрација бележат голем интерес, со повеќе од 100 пристигнати апликации од институции од Западен Балкан и од источното соседство. Во категоријата специјални признанија, проектот на македонското Министерство за јавна администрација е издвоен меѓу практиките што демонстрираат иновативност, институционална применливост и потенцијал за унапредување на јавниот сектор.

За Министерството, ова признание претставува поттик за продолжување на реформската агенда, со фокус на професионална, ефикасна, транспарентна и дигитално поврзана администрација, која ќе обезбедува поквалитетни услуги за граѓаните и ќе работи според европските стандарди.

Истовремено, од МЈА велат дека и во наредниот период ќе работат на важните предизвици за институциите на кои им е укажано и со европската оцена, како што се професионализацијата и деполитизацијата на администрацијата, унапредувањето на мерит-системот при вработувањето и напредувањето. (Е.А.)

 

ИЗДВОЕНИ