– Скопскиот џез-фестивал ги следи случувањата, промените во светот, односно она што е иднина на џезот, и тоа најпознатите имиња од она што е импровизирана, современа музика, таму каде што се бара и истражува редефинирањето на џезот. Програмата не е правена да ѝ се додворува на овдешната публика, не води сметка за она што би сакала овдешната публика најмногу да чуе од џезот – рече на денешната прес-конференција Оливер Белопета, директор на Скопскиот џез-фестивал, најавувајќи го 45. издание. Фестивалот, на 15 октомври, во НОБ ќе биде отворен со музичкиот проект „Храброста на храбрите“ на словенечкиот перкусионист, тапанар и композитор, Златко Каучич
Скопје од 15 до 18 октомври повторно ќе пулсира во знакот на џезот, со богата меѓународна програма во која се застапени музичари и состави од различни делови на светот. Во текот на четирите фестивалски вечери, Националната опера и балет ќе биде главното место на случувањата, а нејзината мала сцена ќе биде место на полноќните концерти на Скопскиот џез-фестивал. Со својата 45-годишна традиција, фестивалот и годинава го продолжува континуитетот во претставувањето актуелни и релевантни имиња од светската и од домашната џез-сцена. И годинава фестивалот обединува различни генерации и музички пристапи, нудејќи програма што се движи од современ џез и експериментална музика до проекти што го поврзуваат џезот со други музички форми.

– Скопскиот џез-фестивал ги следи случувањата, промените во светот, односно она што е иднина на џезот, и тоа најпознатите имиња од она што е импровизирана, современа музика, таму каде што се бара и истражува редефинирањето на џезот. И со еден таков храбар концепт, Скопскиот џез- фестивал е еден. Таа посебност на концептот го претвори во култен настан во Европа и ние сме многу горди на тоа – рече на денешната прес-конференција Оливер Белопета, директор на Скопскиот џез-фестивал, најавувајќи го 45. издание.
Додаде дека тоа значи дека целиот концепт и програмата се направени со цел да се зачува овој статус, кој е признат од Европа, па и во светот. И дека многу малку џез-фестивали имаат храброст да влезат во она што е истражување и нови движења во џезот.
– Програмата не е правена да ѝ се додворува на овдешната публика, не води сметка за она што би сакала овдешната публика најмногу да чуе од џезот – вели Белопета, додавајќи дека она што е секоја година на програмата на фестивалот македонската публика нема можност никаде во нашата држава да го чуе, поради, пред сè, малиот број концерти, особено оние странските.
– Сепак, нашата фестивалска публика е доволно отворена, кога ќе дојде, да го препознае она што е добро, а што доаѓа од самата сфера, што, се разбира, за мене и за нас е доволно – додаде Белопета.

Фестивалот почнува на 15 октомври, во НОБ, со првиот концерт во 20:00 часот, кога ќе настапи прочуениот словенечки перкусионист, тапанар и композитор, Златко Каучич, кој е познат по своите бројни албуми (повеќе од шеесет), како и по составите со кои има настапувано со светски познати музичари како Стив Лејси, Александар Баланеску, Еван Паркер, Петер Броцман, Пол Блеј и многу други. Тој ќе се претстави со „Bravery of the Brave“ (Храброста на храбрите), негов музички проект посветен на луѓето што, и покрај пречките, покажуваат извонредна волја и сила да се спротивстават и да истраат. Каучич ја презема улогата на композитор, уметнички директор и диригент на ансамбл, во кој настапуваат негови поранешни студенти, како и реномирани италијански гости.
Програмата продолжува во 22:00 часот, со тенор-саксофонистот, кларинетист и композитор Леонхард Скорупа, со седиште во Виена, вистински шегаџија што не поставува никакви граници во својата имагинација. Самото набројување на неговите музички „градилишта“ е доволно за да се добие претстава за неговиот космос. За отворањето на 45. Скопски џез-фестивал, Скорупа е ангажиран да компонира ново музичко дело, при што ќе го прошири својот базичен „Квиспел квинтет“ со тројца македонски музичари.
Првата фестивалска вечер ќе заврши по полноќ, со настапот на Пасквале Мира и Хамид Дрејк, со проектот „Lhasa“, на малата сцена на НОБ. Дуото Мира – Дрејк постои од 2008 година, градејќи музички однос заснован на перкусија и на импровизација, но никогаш претходно немало издадено албум. Во февруари минатата година, конечно го снимија својот прв студиски албум, „Lhasa“, кој ги обединува нивните авторски композиции со музика од Дон Шери и од Сан Ра.

На 16 октомври, фестивалската програма стартува во 20:00 часот, со дуото Еивинд Орсет – Јан Банг, со „Дрим лоџик“, исто така во НОБ. Музиката се состои од елементи што се оддалечени едни од други по време и жанр – од даб, современа класична музика, норвешка народна музика, па сè до поп-музиката од 1950-тите – обединети преку препознатливата техника на семплирање на Јан Банг и непрекинатото истражување на гитарата од страна на Еивинд Орсет. Во 22:00 часот ќе следува концертот на Скули Сверисон, исландски композитор и бас-гитарист што изгради уникатна кариера како композитор, продуцент и импровизатор, соработувајќи со широк спектар уметници, и Олоф Арналдс, исландска композиторка и мултиинструменталистка. Нејзин најпрепознатлив адут е нејзиниот глас – веднаш плени, со магичен, надреален квалитет, истовремено невин, но и древен. Вечерта завршува на малата сцена во НОБ, на полноќ, со ремикс во живо на Јан Банг и на Ерик Хоноре.

Третата фестивалска вечер, 17 октомври, од 20:00 часот, во НОБ ќе го донесе настапот на „Андреа Мирческа квинтет“, кој ќе го претстави проектот „Лалабај фор лунатикс“. Композициите се развиваат преку контрабас, пијано и вокал, додека другиот дел од составот го преобликува материјалот преку сопствените инструменти, при што импровизацијата, слушањето и довербата стануваат важен дел од процесот. Истата вечер, во 22:00 часот, публиката ќе има можност да го слушне Ндудузо Махатини, кој е јужноафрикански композитор, пијанист и научник. Неговиот звук е обликуван од народната музика на народот Зулу, со мелодиска традиција што се поврзува со Абдула Ибрахим. Денес, тој е еден од најпрепознатливите гласови во современиот џез. Програмата во полноќниот термин, на малата сцена, ќе продолжи со Александар Хокинс и со Софија Јернберг, со проектот „Мушо“. Двајцата музичари откриваат заедничка музичка територија во етиопската музика, користејќи традиционални песни од Етиопија, Ерменија, Шведска и од други места како материјал што го трансформираат, растегнуваат и повторно го осмислуваат.

Завршната вечер на фестивалот е на 18 октомври. Програмата започнува во 20:00 часот, со „Сао Паоло андерграунд“ во НОБ. Формиран во Саун Пауло во 2005 година, од Роб Мазурек и од Маурисио Такара, ансамблот дебитирал подоцна таа година во Шпанија, а својата прва снимка ја објавил за бразилската издавачка куќа „Сабмарин рекордс“, означувајќи го почетокот на едно од најпрепознатливите креативни партнерства во современата музика. Со приклучувањето на Гилерме Гранадо, групата прераснува во уникатно трио чија музика ги обединува бразилските ритмички традиции, електронското експериментирање, импровизацијата и имензивните звучни светови во колективен музички јазик што постојано се развива. „Винсент Пеирани квинтет“, во 22:00 часот, пак, ќе настапи со „Ливинг биинг“. Винсент Пеирани е музичар што целосно го обнови јазикот на хармониката, а почнал да ги изучува класичната хармоника и кларинетот пред да ги открие светот на џезот и слободната импровизација. Проектот се потпира на џез, рок, современа композиција и на различни музички традиции, но не припаѓа целосно на ниту една од нив. Со овие препознатливи и силни индивидуални гласови ќе биде заокружено 45. издание на фестивалот.
Во пресрет на главната фестивалска програма, на 13 октомври, во 20:00 часот, во МКЦ – Кино Фросина, ќе биде прикажан документарниот филм „Ron Carter: Finding The Right Notes“, посветен на легендарниот џез-контрабасист Рон Картер. Документарниот филм е интимен портрет на „тивкиот гениј“ што зборува преку својата музика и што успеал да го изведе контрабасот од заднината и да го стави во центарот на вниманието. Филмот ја истражува неговата извонредна кариера како басист, која трае повеќе од 60 години.
– Филмот е за една жива легенда, најголемиот контрабасист во историјата на џезот – рече Белопета, најавувајќи го годинашниот филм. Истакна и дека од 20. најдобри филмови за џезот во целата историја, 19 веќе се прикажани или на програмата или Џез- фестивалот или на Оф-фест. (Н. И. Т.) Фото: Ѕ. Плавевски












