Полска е потресена од масовен напад во Краков, во кој загинаа шест лица, а 16 беа повредени. Бројот на жртви се искачи на девет, откако во семејниот дом на осомничениот беа пронајдени телата на неговите родители и сестра. Полицијата соопшти дека 24-годишниот осомничен починал во болница.
Истражителите ги испитуваат околностите на нападот и мотивите на осомничениот. Достапните информации укажуваат на тоа дека тој бил опседнат со оружје; тој и неговиот татко поседувале дозволи за вкупно 11 парчиња огнено оружје. Полицијата, исто така, ги истражува деталите околу злосторството, при што била употребена пушка од типот „АР-15“.
Трагедијата веднаш стана предмет на политички препукувања. Десничарската опозиција ја обвини владата на Доналд Туск за пропусти во безбедноста, додека полицијата ги отфрли тврдењата дека на местото на настанот имало недоволно полициско присуство. Според главниот инспектор Марек Бороњ, првите полициски единици пристигнале само три минути по првичната пријава, а во операцијата биле вклучени повеќе од 1.100 полицајци. Дополнителни контроверзии предизвика изјавата на министерот за внатрешни работи, Марчин Кервињски, кој наведе дека, според првичните сознанија, напаѓачот имал радикални ставови и бил фасциниран од крајнодесничарски идеологии. Опозицијата го обвини дека однапред го одредил мотивот за злосторството, уште пред да заврши истрагата.
Германскиот медиум „Дојче веле“ (Deutsche Welle) наведува дека нападот сериозно ја доведува во прашање досегашната перцепција за Полска како една од најбезбедните земји во Европа. Во анализата понатаму се предупредува дека продлабочувањето на политичката поларизација создава средина во која трагедиите се користат за меѓусебни обвинувања, додека прашањето за екстремизмот се претвора во ново бојно поле за политички конфликти.












