-Со својот оригинален глас, со јазична храброст и со длабочината на поетската мисла, Анеке Брaсинга се вбројува меѓу најзначајните современи поети на холандската литература и меѓу највлијателните европски поетски гласови на нашето време
Холандската поетеса Анеке Брaсинга е добитничка на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година, објави на денешната прес-конференција во МАНУ в.д. директорот на СВП, Никола Кукунеш.
-Советот на Струшките вечери на поезијата, врз основа на значењето на поетското дело на холандската поетеса Анеке Брaсинга, нејзиниот исклучителен придонес во современата европска и светска поезија, како и врз основа на високите естетски вредности и влијанието на нејзиниот поетски опус, донесе одлука наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година да ѝ се додели на Анеке Брaсинга за нејзиното севкупно поетско творештво, истакна Кукунеш.
Одлуката е донесена едногласно од страна на Управниот одбор на Националната установа манифестација „Струшки вечери на поезијата“, а на предлог од страна на Советот за доделување на наградата „Златен венец“ во состав: академик Катица Ќулавкова, академик Иван Џепароски, универзитетски професор Лидија Капушевска-Дракулевска, универзитетски професор Бранко Цветковски, поетот Славе Ѓорго Димоски, поетот Мите Стефоски, уметнички директор на „Струшките вечери на поезијата“ и Никола Кукунеш како в.д. директор на истата.
-Поезијата на Анеке Брaсинга се одликува со исклучителна јазична инвентивност, богата метафоричност и силна имагинативна енергија. Нејзиниот поетски јазик е густ, барокно разигран и исполнет со неочекувани зборови и споеви, со суптилна иронија, создавајќи уникатна поетска атмосфера. Критиката често ја опишува како „маѓионичар на јазикот“, поетеса која ја истражува границата меѓу значењето и звучноста на зборот и ја отвора поезијата кон нови јазични хоризонти. Низ своето поетско творештво и преку својата значајна преведувачка работа, Брaсинга воспоставува жив дијалог со европската и светската книжевна традиција, збогатувајќи го современиот поетски живот. Во нејзиното творештво се рефлектираат мотивите на природата, љубовта, кревкоста на убавината, ранливоста на јазикот, како и длабоките егзистенцијални прашања за човековата судбина, меморијата и времето, стои во образложението за наградата.
Се додава и дека нејзината поезија често се движи меѓу реалното и надреалното, создавајќи поетски свет во кој се соочуваат духовното и материјалното, културата и природата, интимното искуство и универзалните теми на човечкото постоење.
-Со својот оригинален глас, со јазична храброст и со длабочината на поетската мисла, Анеке Брaсинга се вбројува меѓу најзначајните современи поети на холандската литература и меѓу највлијателните европски поетски гласови на нашето време. Нејзиното дело ја проширува можноста на поетскиот јазик и ја потврдува поезијата како простор на слобода, имагинација и духовно истражување. Токму поради таа оригиналност и духовна сила, нејзиното дело е високо вреднувано со најзначајните книжевни признанија во холандската литература, потврдувајќи ја Анеке Брaсинга како еден од најзначајните поетски гласови на современата европска и светска поезија, се посочува во образложението.
-Со доделувањето на „Златниот венец“ на Анеке Брасинга се зацврстува и една значајна културна врска меѓу Македонија и Холандија, врска што се гради преку литературата, преводот и заемната љубопитност на две култури што се среќаваат во просторот на поезијата. Ова признание не е само почит кон едно исклучително творештво, туку и нова можност за продлабочување на културниот дијалог меѓу нашите две земји. Тоа отвора врати за нови преводи, нови литературни средби, нови културни проекти, но и за една поширока културно-туристичка перспектива. Струга, со својата поетска традиција и со реката Дрим како вечен сведок на стиховите, може да стане место каде холандските љубители на литературата ќе го откриваат духот на македонската култура, исто како што македонските читатели преку поезијата на Брасинга ќе го чувствуваат поетскиот пејзаж на Холандија, рече министерот за култура Зоран Љутков, обраќајќи се во МАНУ при прогласувањето на годинашната добитничка на „Златен венец“ на СВП.
Фото: Poetry International












