Мнозинството Германци очекуваат германскиот канцелар Фридрих Мерц да се повлече пред следните федерални избори, закажани за 2029 година, според анкетата на YouGov. Според резултатите од анкетата, 36 проценти од испитаниците очекуваат Мерц да остане канцелар во 2026 година, но да се повлече пред изборите во 2029 година. Други 18 проценти веруваат дека тој ќе биде заменет пред крајот на оваа година.
Од друга страна, 29 проценти очекуваат Мерц да остане на функцијата барем до следните федерални избори, додека 17 проценти не сакале или не можеле да одговорат.
Ова значи дека вкупно 54 проценти од анкетираните Германци очекуваат Мерц да се повлече пред крајот на неговиот тековен мандат.
Огромното мнозинство испитаници, исто така, веруваат дека Мерц не успеал да го зајакне својот авторитет, и покрај кадровските промени во германската влада, пратеничката група на Христијанско-демократската унија (CDU) и раководството на партијата што беа извршени пред летната парламентарна пауза, пренесува Дојче веле.
Околу 36 проценти од анкетираните оцениле дека Мерц изгубил многу авторитет во својата партија, додека други 31 процент рекле дека изгубил дел од својот авторитет. Само еден процент верува дека неговиот авторитет значително се зајакнал, додека пет проценти проценуваат дека неговиот авторитет малку се зголемил.
На прашањето кој би бил посоодветен за позицијата германски канцелар, 25 проценти од испитаниците го избрале Хендрик Вист, премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија и член на Христијанско-демократската унија. Само девет проценти од граѓаните го сметале Мерц за најдобар избор за канцелар, додека дури 66 проценти не знаеле кого би избрале.
Анкетата ја спроведе агенцијата Југов од 14 до 17 август, на примерок од 2.091 лица со право на глас, на барање на германската новинска агенција ДПА.












